• среда, 27 ноември 2024

Северна Македонија и Словенија потпишаа Меморандум за соработка во делот на социјалната заштита (ДПЛ)

Северна Македонија и Словенија потпишаа Меморандум за соработка во делот на социјалната заштита (ДПЛ)

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) - Меморандум за соработка во делот на вработувањето, родовата еднаквост, политиката за социјална и детска заштита, денеска потпишаа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и словенечкиот министер за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности на Словенија, Лука Месец, кој е во прва официјална посета на земјава.

Двајцата министри разговарале и за вклучување на младите на пазарот на труд, предизвиците со кои се соочуваат земјите во делот на трудовите политики и за билатералните односи меѓу земјите.

 - Во минатато, учевме од искуствата на Словенија во областите здравје и безбедност при работа, но и при обликување на Гаранцијата за млади во нашата земја и политиките за вработување. Еден од нејсериозните предизвици со кои се соочува нашата земја е негативната демографија и забрзаното иселување на населението. Тоа секако создава голем притисок на македонската економија, пензискиот и здравствениот систем и пазарот на трудот, рече Тренчевска.

Истакна дека подобрувањето на условите за работа и унапредувањето на животниот стандард, но и посветеноста за забрзана активација на пазарот на трудот е јасен показател дека Владата вложува во граѓаните.

Тренчевска нагласи дека во процесот на евроинтеграции ќе ја добиеме неопходната поддршка од Министерството за труд и социјална политика на Словенија во делот на оние надлежности што ни се заеднички.

Словенечкиот министер истакна дека проблемот со иселувањето на младите од проблем на државите и дека соработката меѓу двете министерства во делот на активацијата на младите и вработувањето е особено важна.

- Генерации на моите родители биле дел од оние што сакале да се иселат од државата што и денес е голем проблем. Затоа нашата соработка во областа на унпаредувањето на законите во областа на активација на младите и вработувањата се од голема важност, рече Месец.

Меморандумот предвидува дека двете министерства меѓусебно да разменуваат искуства и информации од областа на политиките на социјалната заштита и заштитата на децата. Соработката ќе се одвива за актуелни прашања како што се вработување и осигурување во случај на невработеност, политики за вработување со посебен акцент на вработувањето на младите, социјалната заштита и активација на социјално ранливите лица, политики за заштита на децата, инклузија на Ромите, борба против насилството врз жените и децата, социјално осигурување, социјална инспекција, слободата на движење на работниците и социјалната политика и вработувањето како и структурните и кохезивни финансиски инструменти на програмите на Европската Унија. сан/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан