• недела, 24 ноември 2024

Северна Македонија бележи благо опаѓање во глобалното рангирање за буџетска отчетност

Северна Македонија бележи благо опаѓање во глобалното рангирање за буџетска отчетност

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - Северна Македонија бележи благо опаѓање во рангирањето за буџетска транспарентност, според Анкетата за отворени буџети на Меѓународното буџетско партнерство за 2023 година од 36 поени во 2021 година на 35 поени за 2023 година.

Истражувањето, како што стои во соопштението на ЦЕА, е единствена споредбена, независна и редовна проценка во светот за транспарентноста, надзорот и учеството на јавноста во националните буџети. Во овој круг на истражување, оценките за глобална транспарентност беа 45 од 100 можни поени, учеството на јавноста беше 15 од 100 можни поени, законодавниот надзор беше 45 од 100 можни поени и ревизорскиот надзор беше 62 од 100 можни поени.

- Треба да се изработи и објави фискалната стратегија навреме и да биде достапна за пратениците во Собранието пред да биде поднесен предлог-буџетот од Владата, рече Марјан Николов, претседател на ЦЕА, која го спроведе истражувањето за Северна Македонија.

Дополнително, се додава, Владата и Министерството за финансии не покажаа дисциплина и решителност при изготвување и
објавување навреме на Граѓанскиот буџет.

Се посочува дека последно, но не и најмалку важно, Министерството за финансии продолжува да не прави соодветен Полугодишен извештај.

-Полошиот резултат на Северна Македонија е во позадина на скромни подобрувања на глобално ниво и е втор најлош во регионот само после Босна и Херцеговина. Глобалниот просек на буџетска транспарентност се зголеми за еден поен, а учеството на јавноста се зголеми за два поени. Сепак, и покрај овие скромни придобивки, забележан е загрижувачки пад на јавната достапност на граѓанските буџети - пропуштена можност од страна на владите да користат клучна алатка за да ги
направат нивните буџети подостапни за секојдневните луѓе. За прв пат од 2017 година, помалку влади ги ставаат на располагање на јавноста своите извештаи за извршување на буџетот во текот на годината. „Продолжуваме да гледаме скромни придобивки во истражувањето , рече Дејвид Робинс, раководител на Истражувањето за отворени буџети.

Анкетата за отворени буџети опфаќа 125 земји во кои живеат 7,5 милијарди луѓе и ја проценува отвореноста и отчетноста на буџетите кои изнесуваа повеќе од 33,5 трилиони американски долари во фискалната 2022 година. Транспарентноста и помага на јавноста да ги разбере буџетските приоритети на владата; механизмите за учество на јавноста им овозможуваат да придонесат кон овие приоритети; и формален надзор на буџетот од законодавниот дом ги води и ги проверува буџетските избори додека ревизорските институции ја оценуваат законитоста, ефикасноста и  ефективноста на јавната потрошувачка. нд/лв/

Фото: ЦЕА

Остани поврзан