• среда, 25 декември 2024

Северна Кореја му се заканува на Сеул по наводното откривање на соборениот дрон

Северна Кореја му се заканува на Сеул по наводното откривање на соборениот дрон

Сеул, 19 октомври 2024 (МИА) - Северна Кореја го обвини Сеул за „сериозна провокација“ по наводното откривање на собореното јужнокорејско беспилотно летало за кое тврди дека го нарушува суверенитетот на Северна Кореја со расфрлање на летоци против Северна Кореја над Пјонгјанг.

-Обновеното воено прекршување на севернокорејската територија ќе се смета за „објавување војна“ и ќе доведе до „итен одмазднички напад“, објавија денеска државните медиуми, цитирајќи го портпаролот на севернокорејското Министерство за национална одбрана.

Минатата недела Северна Кореја тврдеше дека Сеул во Пјонгјанг три пати во рок од една недела испратил беспилотни летала со антисевернокорејски летоци. Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг Хјун изјави дека не може да потврди дали се точни тврдењата на Северот.

Државните медиуми во Северна Кореја објавија дека севернокорејските власти откриле остатоци од урнат дрон минатата недела. „Сосема е веројатно дека дронот е тој што расфрлал летоци над центарот на Пјонгјанг... но заклучокот сè уште не е донесен“, изјавиле од севернокорејскиот истражен тим.

Тензиите на Корејскиот полуостров значително се зголемија во последните недели. Војската на Северна Кореја претходно оваа недела ги уништи сите патни и железнички врски со Јужна Кореја. Дополнително, Северна Кореја продолжува да врши редовни ракетни тестови и да ја унапредува својата нуклеарна програма, обврска што лидерот Ким Џонг Ун ја задржа и покрај тековните меѓународни санкции против земјата. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан