• сабота, 23 ноември 2024

Северна Кореја испрати балони со ѓубре и ѓубрива во Јужна Кореја

Северна Кореја испрати балони со ѓубре и ѓубрива во Јужна Кореја

Сеул, 29 мај 2024 (МИА) - Северна Кореја денеска испрати балони со ѓубре и ѓубриво кон Јужна Кореја, што ја натера војската на земјата да ги мобилизира своите тимови за хемиско и експлозивно реагирање да ги пронајдат и испитаат остатоците од паднатите балони во различни делови на земјата.

Началникот на јужнокорејската војска изјави дека Северна Кореја вчеравечер испратила голем број балони со ѓубре кон југот како одговор на испраќањето на пропагандни летоци против Северна Кореја.

Војската соопшти дека до попладнево во различни делови на земјата биле пронајдени околу 260 севернокорејски балони, додавајќи дека во нив имало разни видови ѓубре и ѓубрива, но дека досега не нашле човечки измет. На цивилите им се советува да не допираат предмети од Северна Кореја, туку веднаш по откривањето да ги пријават во војската или полицијата.

Фотографиите објавени од јужнокорејската војска покажуваат ѓубре расфрлано по автопати и патишта во различни делови на земјата. Во главниот град Сеул, воените службеници пронајдоа нешто што изгледаше како тајмер што веројатно е поставен така што кесите со ѓубре ќе бидат исфрлени во одреден момент.

Севернокорејскиот заменик министер за одбрана, Ким Канг Ил, изјави дека Северот планира да расфрла „купишта отпад и нечистотија“ во пограничните области и другите делови на Јужна Кореја, како одговор на акциите на јужнокорејските активисти и испраќањето анти -Севернокорејски летоци.

Ким Јо Џонг, моќната сестра на севернокорејскиот лидер, зборуваше на државните медиуми и ја исмеа изјавата на јужнокорејската војска која бара од Северот да престане со своите „нехумани и вулгарни активности“. Таа изјави  дека Северот само ја користи својата слобода на изразување, на ист начин како што владата во Сеул ги оправда антисевернокорејските летоци испратени преку граница од јужнокорејски активисти.

фото:ЕПА

Остани поврзан