• сабота, 23 ноември 2024

Северна Ирска одбележува 50 години од Крвавата недела, кога британски војници убија 13 демонстранти

Северна Ирска одбележува 50 години од Крвавата недела, кога британски војници убија 13 демонстранти
Белфаст, 30 јануари 2022 (МИА) - Во Северна Ирска денеска е одбележана годишнина од „Крвавата недела“ (Bloody Sunday), кога британски војници пред 50 години убија 13 и повредија 15 учесници во забранетиот марш за човекови права на католиците. Стотици луѓе, меѓу кои и членови на семејствата на загинатите и ранетите, се собраа пред споменикот на Крвавата недела, каде што се одржа комеморација и церемонија за положување венци. Меѓу политичките лидери, венец положи и ирскиот премиер Мајкл Мартин. На 30 јануари 1972 година, британски војници отворија оган врз демонстранти и активисти за граѓански права во Лондондери. Повод за протестот беше апсењето на 342 лица, кои се обвинети дека се припадници на Ирската републиканска армија (ИРА). Британската влада се извини во 2010 година, откако официјалната истрага откри дека војниците неоправдано пукале во невооружени цивили кои бегале, а потоа со децении лажеле за тоа. Извештајот ја отфрли првичната истрага што беше спроведена набргу по убиствата, во која се наведува дека војниците се бранеле од вооружените напаѓачи на Ирската републиканска армија. Британскиот премиер Борис Џонсон во средата во Парламентот изјави дека Крвавата недела е „еден од најтемните денови во нашата историја“ и дека земјата „мора да учи од минатото“. Во 2019 година, поранешен британски војник беше обвинет за убиство на двајца демонстранти и повреда на четворица други. Но, обвинителите минатата година одлучија да не продолжат со случајот бидејќи веќе нема никакви шанси за осуда. Семејството на една од жртвите поднесе тужба против таквата одлука. гт/

Остани поврзан