• среда, 25 декември 2024

СЕБ Глобал Платформ Скопје: Регионалната берза за малите и средните претпријатија отвора поширок пазар

СЕБ Глобал Платформ Скопје: Регионалната берза за малите и средните претпријатија отвора поширок пазар

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Компанијата СЕБ Глобал Платформ Скопје, денеска, ја промовираше првата Регионална Берза за поддршка на малите и средните претпријатија во Македонија. Идејниот творец на бизнис идејата и основач на регионална компанија SEB Global Group и застапник за државава Александар Ѓорѓиевски потенцираше дека апликативниот дел на Платформата sebyou.com дава одговор на суштинското прашање за малите и средни претпријатија: „Дали компаниите ја знаат својата пазарна вредност“. 

- Ова е основната, иновативна услуга која досега беше достапна само за големите корпорации и акционерски друштва, но отсега како таква, за некоја симболична цена, ќе може да ја добијат и МСП. Употребата на дигиталните можности, посебно во корона периодот, дополнително даде потврда за можностите од примена токму на оваа т.н. агрегатна метода  за пресметка на Нематеријалната вредност на компаниите, преку соодветна економетриско-статистичка компаративна анализа на Рацио индикатори дефинирана со Меѓународниот сметководствен стандард 38, потенцираше Ѓорѓиевски.

Покрај оваа основа услуга, тој ги наброја и останатите услуги од основниот пакет кој во првите два месеца е бесплатен, како што се регионалната можност за Б2Б комуникација, консултантски извештаи со соодветен совет за подобрување на работењето, вебинари и достапност до меѓународни стручни публикации, како и можност за здружен настап на ексклузивни саеми, конференции и настани.

Професорот по меѓународна и развојна економија, корпоративен менаџмент, претприемништво и деловно работење на малите и средни претпријатија Јован Пејковски посочи дека Платформата има регионален карактер и цел да овозможи компаниите, односно на малите, микро и средни претпријатија, да соработуваат и да го промовираат бизнисот во Македонија и во соседните држави, односно во Југоисточна Европа.

-Со оваа Платформа се шири пазарот за компаните на регионална основа со што на приватните компании им се овозможува регионот да го направат единствена дестинација за инвестиции и бизнис. Предностите на поголем пазар се познати, се потврдува на примерот на бројни пазари како Европската Унија и од повеќето светски регионални интеграции. Токму со ваквиот пристап деловната заедница ќе може да ги обезбеди сите потребни информации со проценка на условите и вредностите на капиталот за донесување на инвестициски одлуки. Иднината на регионот е во поврзување и вмрежување на поединечните компании, затоа што само така ќе бидат попривлечни и поконкурентни на големиот пазар на Европската Унија, објасни Пејковски.

Според него, потребно е работа и многу знаење и информации кои во дигиталната ера може да се обезбедат и преку вакви платформи. „Ова е шанса што не треба да се пропушти, а корисноста од работењето компаниите ќе ја почувствуваат уште во почетоците на работата на овие платформи. Секако дека ова се почетоци кои заслужуваат внимание и поддршка за да се развие пазарот со нови содржини и понуди кои се од полза за микро, малите и средни бизниси,  додаде тој.

Адвокатот Татјана Клисаровска, експерт по корпоративно и трговско право, се осврна на можностите за адаптација на правната регулатива која се однесува на работењето на МСП, а кои се дел од неопходните предуслуги  за ефикасна работа на ваквите платформи. Таа укажа на тоа дека ваквиот тип услуги кон крајните корисници преку онлајн платформа не е непознат за европските земји и пошироко.

- Услугите со ваков тип платформа се воведуваат во согласност со регулативата која уредува нивниот начин на работа. Во државите членки на Европската унија има регулатива која на директен начин ги уредува поголемиот број алатки понудени со оваа платформа меѓу кои и групното инвестирање. СЕБ ГЛОБАЛ Групацијата своите услуги ги адаптира на законските решенија кој во овој момент ги нудат законите во секоја земја одделно и на истите работат правни тимови од секоја земја, рече Клисаровска. лв/аа/

фото: СЕБ Глобал Платформ Скопје

 

Остани поврзан