• четврток, 19 декември 2024

СДСМ: Референдум против ЕУ, нема поддршка и нема да успее

СДСМ: Референдум против ЕУ, нема поддршка и нема да успее

Скопје, 5 септември 2022 (МИА) - Иницијативата за референдум е лична одлука на Христијан Мицкоски за спас на сопствената фотелја во ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ во реакцијата на најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе собира потписи за распишување задолжителен референдум за Договорот за добрососедство со Бугарија.

Граѓаните, нагласуваат од СДСМ, се за напредок, за членство во ЕУ. Таа стратешка цел на државата, поставена уште од независноста, тој сон на многу генерации, потенцираат, сме на чекор да го оствариме.

-Започнавме преговори со ЕУ со заштитен македонски идентитет. Европскиот процес до полноправно членство сите политички партии кои и мислат добро на државата, на граѓаните го поддржуваат. Само Мицкоски и неговиот проруски партнер Апасиев се против ЕУ. Иницијативата за Референдум е лична одлука на Христијан Мицкоски за спас на сопствената фотелја во ВМРО-ДПМНЕ. Откако пропаднаа сите негови лаги за бугаризација и асимилација, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побегнаа и не гласаа против во Собранието. Сега Мицкоски сака одговорноста за неговите неуспеси да паднат врз неговите членови, се вели во реакцијата од СДСМ.

Според партијата, на погрешен начин Мицкоски бара спас за својата фотелја, со нови обиди да ја закочи државата и да го блокира членството во ЕУ.

-Референдум против ЕУ, против македонски јазик во Унијата, нема поддршка од граѓаните и нема да успее. Иницијатива против ЕУ нема поддршка ниту од опозициските партии, а поделени ставови има и во самата ВМРО-ДПМНЕ каде што јакне проевропското крило, кое не мисли исто како Мицкоски и сака да го поддржи европскиот пат на земјата.Особено што Мицкоски не е искрен и ги лаже своите членови, исто како што ги лаже и грѓаните. Потврда е неговата изјава на средба со поранешниот премиер, Бојко Борисов каде јавно го поддржа Договорот за добрососедство со Бугарија, се вбели во реакцијата од СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека државата нема да застане, и како што велат, Мицкоски не може да ја закочи. Враќање назад или остапување од европскиот пат, според СДСМ, нема да има. сст/нд/

 

Остани поврзан