• сабота, 23 ноември 2024

СДСМ: „Рамо до рамо до победа“ во Битола, Сарај, Шуто Оризари, Велес и Прилеп

СДСМ: „Рамо до рамо до победа“ во Битола, Сарај, Шуто Оризари, Велес и Прилеп

20 јуни 2023 

Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во рамките на теренските активности на СДСМ под мотото „Рамо до рамо до победа“ денеска беше меѓу граѓаните на Битола.

Лукаревска пред присутните порача дека државата сега има историска шанса да заокружи уште една стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ и ги повика сите политички субјекти на одлучност и одговорност пред граѓаните и државата.

-Подадовме рака за дијалог, СДСМ покажа државнички капацитет. Сега на опозицијата е да избере, дали ќе се остане на ставот и да покажат дека навистина се за интеграција во ЕУ. Се друго е калкулација. Или сте одговорни кон иднината на земјата или не сте, нема средина тука. Откако ДПМНЕ сменија став, не се против уставни измени, прифаќаат учество во заедничка Влада, признаваат легитимитет на Собранието, треба да останат на овој став и дијалогот да продолжи. Мицкоски можеби ја има последната шанса да направи нешто добро за земјата, порача Лукаревска.

Заменик претседателката на СДСМ додаде дека како никогаш претходно сега државата има силна и јасна меѓународна поддршка за членство во ЕУ со признаен македонски јазик и идентитет, а последен доказ за тоа е Резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг.  

-СДСМ успеа да го зацврсти и дополнително да го афирмира македонскиот јазик и идентитет. Резолуцијата на германскиот Бундестаг е потврда за тоа. Добивме силна поддршка за европскиот пат на земјава и признавање на македонскиот јазик и идентитет од една од најголемите земји во Унијата. Очекувам вакви силни пораки со поддршка и признание да пристигнат и од други наши пријателски земји, додаде Лукаревска денеска во Битола.

Како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев денеска заедно со Роберт Бекироски беше меѓу граѓаните на Шуто Оризари.

- Благодарение на СДСМ и храбрите, државнички одлуки, денес како држава имаме силна поддршка од нашите сојузници. Пред нас е историска шанса што како генерација мора да ја искористиме. Сите политички чинители, а особено ДПМНЕ, мора да се приклучат на овој процес што е исклучително важен за нашата иднина. Ние како одговорна партија ќе продолжиме да ги повикуваме, откако се согласија на уставни измени, сега преку свои претставници да се вклучат во носењето на уставните измени, порача Богоев.

Во општина Сарај меѓу граѓаните беше секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ.

По 17 години во чекалната конечно ги започнавме преговорите со ЕУ, сега треба да направиме уште еден исчекор за да го забрзаме процесот. Сите знаеме што значи членство во ЕУ, тоа носи повеќе пари, нови работни места и повеќе шанси за младите. Сега е потребно да се обединиме сите, да ја споделиме одговорноста и да покажеме и дома, но и надвор дека сме сплотени околу европската иднина на државата. Со уставните измени ќе го забрзаме процесот на интеграција, со цел членството во ЕУ да го оствариме најдоцна до 2030 година, посочи Маричиќ.

Како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ денеска со граѓаните на општина Прилеп беа портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска и членот на ЦО на СДСМ Никица Бачоски, додека претседателката на форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска, оствари средби со граѓаните на општина Велес.

Во СДСМ земјоделците имаат искрен и сигурен партнер, истакна Бачоски во Прилеп, каде ја презентираше мерката за модернизација на земјоделството во вкупна вредност од 500 милиони денари, за набавка на машини и опрема со чија помош земјоделието ќе држи чекор со времето и технологијата.

Бачоски истакна дека СДСМ води грижа за сите земјоделци, субвенциите се исплаќаат навремено и неселективно, а од оваа година започнува и нивна авансна исплата, за земјоделците да ги добијат парите тогаш кога им се најпотребни.

Меѓу нашите приоритети е поддршката за тутунопроизводителите, за кои воведовме нов модел на субвенционирање и исплативме 30 милиони евра субвенции за тутунарите, нашата континуирана грижа доведе до историски највисока откупна цени на тутунот од 290 денари, истакна Бачоски, додавајќи дека извозот на тутун од државата обезбедува девизен прилив од 150 милиони евра.

Продолжуваме заедно, рамо до рамо со земјоделците, со нови проекти, до нови успеси, порача Бачоски во Прилеп.

Претседателката на форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска пред Велешани истакна дека во центарот на политиките на СДСМ се граѓаните, нивната благосостојба и унапредувањето на животниот стандард.

Социјалниот дијалог е моќно оружје за решавање на важни економски и социјални прашања, со кој постигнавме методологија за раст на минималната плата, која сега е покачена од 9.000 денари во 2017 година на 20.175 денари, дојдовме до взаемно решение за усогласување на пензиите, кои во септември ќе бидат поголеми за 25 отсто за сите 330.000 пензионери во државата, просечната плата достигна над 36.000 денари, истакна Тренчевска, додавајќи дека се работи и на методологија за пораст на платите во јавниот сектор, каде изминатите шест години во различни сектори платите се покачени од 20 до 45 отсто.

 

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан