• четврток, 26 декември 2024

СДСМ: Победени се блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица граѓаните ќе добијат лични карти

СДСМ: Победени се блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица граѓаните ќе добијат лични карти
Скопје, 21 август 2021 СДСМ не дозволи граѓаните да не можат да функционираат нормално заради блокадите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ на Законот за лични карти. СДСМ го поздравува проактивниот пристап на институциите и изнаоѓањето законски предвидено решение за издавање на лични карти за граѓаните на Република Северна Македонија. МВР како надлежна институција и Министерот за внатрешни работи ги имаат сите законски овластувања за донесување на подзаконскиот акт со кој се уредува издавањето на лична карта за граѓаните, а во согласност со Уставот, Уставните амандмани, Законот за лична карта и Законот за употреба на јазиците. Донесувањето на подзаконскиот акт кој во текот на вчерашниот ден беше објавен во Службен весник, ќе овозможи повеќе од 45 илјади граѓани да ги добијат личните документи во законски предвидениот рок и постапката да продолжи непречено да тече за сите поднесени барања за издавање на лична карта. Граѓаните не смеат и не може да бидат заложници на дневно-политичките интереси на Левица и ВМРО-ДПМНЕ, кои со поднесување на илјадници амандмани на предлог-Законите се обидуваат да го блокираат работењето на институциите и да прикажат слика дека системот нема капацитет да одговори на потребите на граѓаните. Личната карта е исправа со која се докажува идентитетот, државјанството, живеалиштето и адресата на граѓанинот на Република Северна Македонија, а граѓаните ги користат за да ги остварат основните права пред институциите, особено во банките, но и сите други стопански и нестопански субјекти каде е потребно да се докаже сопствениот идентитет. Токму затоа не смее да се дозволи застој во издавањето поттикнато од погрешните политики на политичарите. Граѓаните имаат доверба во институциите и треба да ја чувствуваат правната сигурност во системот кој функционира. СДСМ како одговорна политичка партија се залага и секогаш ќе ги поддржува институциите во обезбедувањето на законски, навремени и квалитетни услуги за граѓаните, во духот на промоцијата на основните човекови права и демократските вредности на македонското општество. Развивајќи го концептот „Едно општество за сите“, ќе продолжиме да ги градиме квалитетните политики во институциите за кои граѓанинот е во центарот на вниманието. Граѓанинот пред се! СДСМ - Центар за комуникации со јавноста ________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Тагови

Остани поврзан