• петок, 27 декември 2024

СДСМ од Велес обвинува дека градоначалникот Колев дал дозвола наместо хотел да се градат апартмани за продажба

СДСМ од Велес обвинува дека градоначалникот Колев дал дозвола наместо хотел да се градат апартмани за продажба

Велес, 10 октомври 2023 (МИА) - Општинската организација на СДСМ од Велес денеска на прес-конференција обвини дека градоначалникот Марко Колев дал дозвола на локација над Велешко езеро наместо хотел, кој бил предвиден со Деталниот урбанистички план, да се градат апартмани за домување. 

- Многу брзо ќе поднесеме соодветни пријави до Државната комисија за спречување корупција,  Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и до Државниот градежен инспекторат. Очекуваме да ја утврдат вистината врз основа на факти. Ако се потврдат нашите сомнежи и сомнежите на јавноста против сите инволвирани во овој скандал, на чело со градоначалникот Марко Колев очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки за одговорност. За да не му се нанесуваат дополнителни штети на јавниот интерес на граѓаните на Општина Велес бараме градбата веднаш да биде стопирана, рече претседателката на ОО на СДСМ Даница Чадиева.

Додаде дека Општина Велес со кршење на членот 68 од Законот за градежно земјиште ја отуѓила градежната парцела со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела. 

- Според објавите на инвеститорот на ФБ страната со име „Велмонд“, објавена е компјутерска фотографија од која се гледа дека објектот наместо со приземје и три ката, е предвиден да биде со приземје и со шест ката и со намена за апартмани во објект од затворен тип, кои веќе се продаваат, а не за хотел од отворен тип достапен на сите заинтересирани туристи и гости. Тоа значи дека објектот ќе биде со скоро двојно поголема бруто развиена површина што не е дозволено со ДУП. Инфраструктурата на езерото, водовод, канализација, електрична енергија, пристапен пат, не се димензионирани за да издржат толку голем број на станбени единици и нови жители, рече Чадиева. ад/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан