• петок, 13 февруари 2026

СДСМ нема да биде контролирана опозиција, велат од партијата

СДСМ нема да биде контролирана опозиција, велат од партијата

23 јануари 2026


СДСМ мора да се преобрази во нов политички субјект. Вака гласи насловот на првиот текст денеска од кампањата против раководството на СДСМ пред претстојниот конгрес, се наведува во соопштението од СДСМ, што МИА го пренеува интегрално.

Героски е дел од добро координирана кампања на ВМРО за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми, криминалот и корупцијата на власта, што СДСМ секојдневно ги разоткрива.

Како што се криминалните тендерите, мигрантите, медиумскиот октопод „Алфа - Алта“ и најновото преземање на 4IG-мрежата од страна на Орбан, личен пријател на Мицкоски, со цел ВМРО да има контрола врз медиумите.

Героски, по моделот научен од странските служби, пласира пропаганда преку својот портал и објавите на личните профили на социјалните мрежи против СДСМ.

Героски е поврзан со БИА и нејзиниот агент Живаљевиќ, кој престојувал во неговиот стан од  2008 до 2014 година. Медиумските натписи наведуваат дека тоа било и во периодот на настаните во Собранието на 27 април 2017. 

Тој го следи патот на својот колега Драган Павловиќ-Латас, кој во 1999 година учествувал во подготовката на демонстрациите пред американската амбасада, кои завршија со палење на објектот (по налог на тогашната српска служба), а сега е задолжен да води анти-ЕУ кампања за ВМРО.

Двајцата имаат специјални задачи во рамките на планот „српски свет“ наведен во извештај на Европскиот парламент, кој СДСМ јавно го разоткри.

Охрабрен од тоа што никој не реагира на осумте пријави што СДСМ ги поднесе поради неговиот вулгарен речник и навреди, Героски сега се осмелува да оди чекор понатаму како координатор на активностите и медиумски бранител на Деспотовски застанува во одбрана и на Петре Шилегов, двајца квислинзи што се обидуваат да предизвикаат поделби во СДСМ со навреди упатени кон членовите на СДСМ „паразити“.

Во периодот од најавата на конгресот до денес (само неколку недели), Героски напишал 16 колумни против СДСМ и раководството (никогаш толку не напишал) поддржувајќи ги овие двајца со желба да се создаде хаос и поделби во партијата.

Неговата идеја, поточно идејата на ВМРО, е да се запрат сите откритија на СДСМ, да се дефокусира јавноста од криминалот, корупцијата и странските влијанија што ја загрозуваат Македонија.

Сега, во својата последна колумна, овој мудар Хобит, кој неуморно го навредува СДСМ, се осмелува да дава совети на членовите за конгресот, истите тие членови што ги нарекува „баграта на 'Бихаќска'“!

„Од вас зависи“, вели тој.

Каква иронија, координаторот на активностите против СДСМ сака да „советува“ членови на партијата што цело време ја навредува и напаѓа? Во ова не е сам. Неговата колешка, влијателна ВМРО-новинарка, позната по врската со Латас, преку своите портали штанца исти такви текстови.

Ако ги видите текстовите на кујните на ВМРО и нивните портали, кои денес се објавени, ќе видите како сите цитираат еден „независен“ инфлуенсер со познато презиме.

Неговата објава се наоѓа кај сите, кај Героски и другите (да не ги споменуваме), освен што имаат иста содржина и пораки за членството на СДСМ, ја цитираат баш ова ФБ-побјава на овој инфлуенсер!

Ова исто така се случи со настапот на Петре Шилегов на ТВ и објавата на Јован Деспотовски, што вчера го документиравме пред јавноста.

Во сето ова граѓаните може сами да се уверат. Сите објави се достапни на интернет.

Покрај овие денешни текстови, како што самиот Героски вели во својот цитат: „пред конгресен молк “ (алудирајќи на молк како пред избори), колешката новинарка на ВМРО, авторка на измислената афера „Д-р Жан“ (која ја најавила на 19 декември гостувајќи на својата телевизија), води две кампањи истовремено.

Покрај кампањата за измислената афера, паралелно управува и креира кампања пред конгресот на СДСМ со цел да создаде немир во редовите на членовите.

Овие денови толку многу совети од страна на ВМРО и нејзините подружници, кои се финансираат со пари на граѓаните, што е неверојатно. Уште поневеројатно е што една партија на власт бара оставка од претседателот на опозициската партија! 

Каков апсурд!

Ова е незамисливо каде било во светот, додека тие тоа го направиле над 20 пати преку соопштенија и текстови на своите медиуми.

Да повториме: „Власта бара смена на претседателот на опозициската партија!!“ Комедија.

Вакво влијание врз медиумите е можеби забележано само во земјите од третиот свет, а не било карактеристично за Европа, освен Србија, која често се наведува како пример.

Со оглед на сестринските врски на ВМРО и СНС, не е чудно што од страна на САД сме ставени на листата со земјите од третиот свет во врска со прашањето за визите.

Ќе ве потсетиме дека многубројни меѓународни организации во своите извештаи ја навеле Македонија како земја во која власта врши притисок врз медиумите.

Според извештаите на организации како Reporters Without Borders (RSF), Freedom House, IREX, BIRN, AJM, Европската комисија, Македонија е под влијание на власта за прашањето на медиумите со притисоци врз новинарите, политичка поларизација, економски ограничувања и историски падови на слободата на медиумите под владеењето на ВМРО.

На World Press Freedom Index-от (RSF) земјата била рангирана околу 34. место во 2010 и паднала на 116. во 2013 година. За време на власта на Груевски и Сашо Мијалков, на листата била последна во Европа во 2015.

Со доаѓањето на СДСМ, Македонија напредувала дури до 38. место во 2023 година.

Веќе во 2024 година, со повторното доаѓање на ВМРО на власт, Македонија за само половина година паднала на 42. место.

Извештајот за 2025 година сè уште го нема, а веруваме дека позицијата е сериозно променета.

СДСМ нема да дозволи нападите на ВМРО преку своите новинарски сателити и медиуми во сопственост да нè одвратат од борбата за вистината и реформи.

Ќе продолжиме да ги разоткриваме сите скандали и да се бориме за европска Македонија.

СДСМ никогаш нема да биде контролирана опозиција како многу партии на политичката сцена во Македонија. 

Овие обиди за дисциплинирање може да поминат само кај оние што даваат легитимитет на криминалот и корупцијата на тендер-коалицијата. 

Ова сценарио, кое е преземено, како и сè друго што го прави ВМРО од Вучиќ и СНС, нема да помине. 

Ако Вучиќ успеал со овие техники да ја маргинализира опозицијата во Србија, овде тоа нема да може!

Со стотици „ноќни волци“, соработници на БИА, странски служби, десетици милиони евра вложени во медиумска контрола, злоупотреби на целиот државен систем на моќ, нема да ви помине!

ВМРО и нивните СНС, како и Фидес-сојузници, нема да успеат да нè замолчат!

СДСМ отсекогаш била и ќе биде партија во служба на граѓаните на Македонија. 

Со граѓаните ќе се избориме за европска Македонија, со вистински систем на вредности и нема да дозволиме некои „лидери“ да ја држат целата држава во изолација и мрак, а нејзините граѓани како заложници!

Правдата ќе победи!

 

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Остани поврзан