• среда, 13 ноември 2024

СДСМ: Дали Министерството за правда дало позитивно мислење за помилување на криминалците и нарко босовите

СДСМ: Дали Министерството за правда дало позитивно мислење за помилување на криминалците и нарко босовите

Скопје, 24 октомври 2024 

Почитувани,

Наместо веднаш да ја повлече скандалозната одлука за помилување на осудени криминалци и нарко босови, Силјановска Давкова без трепнување се обиде да ги измами граѓаните. Таа има дрскост да тврди дека „не знаела“ за криминалните досиеја на „интересни ликови“, префрлајќи ја одговорноста на Комисијата за помилување. Ова не е ништо друго освен класична манипулација и потценување на интелигенцијата на граѓаните, вклучително и на оние што гласаа за неа.

Но вистината е јасна – последниот збор за помилувањата го има Силјановска. Комисијата дава само мислење, а одлуката е исклучиво нејзина. Ова го потврди и член на Комисијата, кој недвосмислено ја лоцира одговорноста кај претседателката.

Во овој огромен скандал, клучна е и улогата на Министерството за правда. Министерот за правда од движењето ЗНАМ мора да одговори на едно јасно прашање: Дали Министерството за правда дало позитивно мислење за помилување на криминалците и нарко босовите? Министерот за правда должи одговор пред граѓаните – зошто молчи, додека скандалот се разгорува? Дали тој лично се согласил со ослободувањето на луѓе кои ја загрозуваат безбедноста на Македонија?

Бараме од Кабинетот на Претседателката веднаш јавно да го објави мислењето на Министерството за правда, заради транспарентноста која толку многу ја ветуваа. Јавноста има право да знае дали има криминален дил на највисоките нивоа на власта.

Очигледно е дека учеството на ЗНАМ во оваа влада не е мотивирано од државотворни цели, туку од мрачни, криминални побуди. Наместо правда, гледаме неправда. Наместо борба против криминалот, сведочиме на директна заштита на криминалците и нарко-босовите.

Овие помилувања го разоткрија тесниот сојуз меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и подземјето. Силјановска нема срам што криминалците ѝ се заблагодаруваат јавно, затоа што ова е само исплата на долгови што власта ги има кон нив. Со злоупотреба на функцијата на претседателката, оваа влада на ДПМНЕ ги става интересите на криминалците пред интересите на граѓаните.

Македонија се претвора во опасна држава, каде криминалците се ослободуваат без одговорност, каде правната држава е уништена и безбедноста на граѓаните е загрозена. Овие дилови со криминалното подземје ќе имаат далекусежни последици за целата држава. Македонија не може да биде правна држава додека криминалците прават што сакаат без никакви последици.

Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

_________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото СДСМ 

 

 

Остани поврзан