• сабота, 23 ноември 2024

СДСМ бара директорот на АНБ да даде обајаснување за неговиот сертификат по англиски јазик

СДСМ бара директорот на АНБ да даде обајаснување за неговиот сертификат по англиски јазик

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција во законодавниот дом соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поднесе иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ Скендер Реџепи, за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, со цел да даде одговори на прашања поврзани со сертификатот по англиски јазик кој го приложил при конкурирањето за директор на Агенцијата.

Според Петровска, именувањето на директор на АНБ е под сомнителни околности и сомнителен серификат за познавање на англиски јазик. Со именувањето на Христовски за директор на Агенцијата, таа вели се руши угледот во НАТО безбедносно-разузнавачката заедница.

- Именувањето на директор на Агенцијата за национална безбедност под сомнителни околности и сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголемиот срам, но и понижување на државата и професионалците кои животот и работниот век го посветија во безбедносно-разузнавачката заедница. Од сите професионалци кои ја градеа оваа држава и оваа заедница, ДПМНЕ го одбра тренерот по кикбокс за директор и не почестија со фалсификуван сертификат. Агенцијата за национална безбедност не е истата онаа од времето на Горан Грујовски и Сашо Мијалков. Денес оваа Агенција има углед во НАТО безбедносно-разузнавачката заедница и е вклучена во активности и проекти од стратешки интерес за државата, но и НАТО приоритетите. Но очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ дава се од себе овој углед да го уништи и да го врати како во времето на фамилијата, рече Петровска.

Петровска вели директорот на АНБ треба да даде одговори на прашања поврзани со тоа каде тој престојувал на денот на полагањето за сертификатот по англиски јазик, како и што знае за последните помилувања од страна на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.

- Имаме прашања кои се од значење за интересот на државата и во интерес на јавноста сакаме јавно да ги поставиме и да добиеме одговори. Едно од тие прашања е добиено од свиркачи, вработени во безбедносно-разузнавачката заедница и е следново. Каде бил Бојан Христовски на денот на полагањата? Каде престојувал дента или неколку дена пред датумот на полагањето? Но и многу други, поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата, како на пример што тој знае за скандалозните помилувања. Ова се прашања на јавен интерес, јавноста и граѓаните, тие 500.000 што гласаа за ДПМНЕ и Сиљановска на последните избори, но и сите во Република Северна Македонија имаат право да ја знаат вистината. И токму затоа, денеска ќе поднесеме иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата кој ќе даде одговор на овие прашања, рече Петровска. ра/са/

Фото: МИА

Остани поврзан