• петок, 27 декември 2024

СВР Тетово: Електрични тротинети да се возат на тротоари, а не на улиците

СВР Тетово: Електрични тротинети да се возат на тротоари, а не на улиците
Тетово, 17 јуни 2022 (МИА) - Тетовската полиција вчера казни осум лица кои возеле електрични тротинети на несоодветни места по улици наместо на тротоари и обележани патеки. Поради ваквите зачестени примери СВР Тетово апелира до населението да се придружува до законските обврски. - Електрични тротинет најчесто ги управуваат помлади лица, кои од незнаење или други причини не секогаш се придржуваат на законските прописи предвидени за оваа категорија учесници во сообраќајот. Само во завчерашната акциска контрола спроведена во Тетово биле изречени осум мерки кои се однесувале на лица што управувале електрични тротинети. Поради ова, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира ваквите тротинети да се движат исклучиво по наменски обликувани патеки или по тротоари, таму каде што нема патеки, а не по улици, вели портпаролот Марјан Јосифоски. Се апелира, оние што ги управуваат тротинетите задолжително да носат заштитни кациги и рефлектирачки елеци, доколку се движат навечер или рано наутро. На лицата што ги управуваат им се советува да не ги управуваат со една, туку со две раце, да не превезуваат други лица на нив или водат животни на ремен. - Во спротивно ќе бидат адекватно санкционирани, односно ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци и, зависно од видот на направениот прекршок, ќе се соочат со парични глоби кои се движат од 50 до 80 евра во денарска противвредност, вели портпаролот. Секторот за внатрешни работи Тетово потсетува дека во наредниот период претстои зголемена сообраќајна фреквенција на подрачјето, поради што и лицата кои се движат со електрични тротинети треба да бидат максимално внимателни, да ја прилагодат брзината и целосно да се придржуваат на важечките правила и прописи, регулирани со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. ас/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан