• четврток, 19 декември 2024

СВР Куманово одзело 38 возила, технички неисправни или со истечена регистрација

СВР Куманово одзело 38 возила, технички неисправни или со истечена регистрација
Куманово, 4 јуни 2021 (МИА) - СВР Куманово за период од пет месеци одзело вкупно 38 возила кои биле технички неисправни или учествувале во сообраќајот со измината важност на сообраќајната дозвола повеќе од шест месеци, соопштија денеска надлежните од секторот. Поголем дел од одземените возила се автомобили, од кои 33 се од Куманово, три од Крива Паланка и две од Кратово. Возилата се чуваат на простор во полициското одделение во Матејче, општина Липково, додека одземените возила од Крива Паланка и Кратово се складираат во кругот на тамошните полициски станици. - Сопствениците навремено ги намируваат давачките и си ги подигаат возилата. Досега нема регистрирано случај каде сопственикот не сака да го отстапи возилото. Исто така, нема случај на возила кои не се подигнати од страна на сопственикот, а веќе да е истечен рокот на одземање, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска. Возилата се отстрануваат согласно член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кој стапи на сила во декември, лани. Од СВР Куманово појаснуваат дека службениците можат да исклучат возило од сообраќај до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена. Доколку биде утврдена техничка неисправност која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, тогаш возилото се одзема во траење од 90 дена. Во рок од 72 часа од одземањето, сообраќајната дозвола или регистарските таблици се доставуваат во местото каде што е евидентирано возилото. ам/аа/

Остани поврзан