• четврток, 26 декември 2024

Свечља: Околу 400 српски екстремисти се обучуваат на границата со Косово за агресивни напади

Свечља: Околу 400 српски екстремисти се обучуваат на границата со Косово за агресивни напади

Приштина, 1 април 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека околу 400 српски екстремисти се обучуваат во близина на границата со Косово и, според него, потребна е само наредба од српскиот претседател Александар Вучиќ за да започнат со агресивни напади, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља за телевизијата „Њуз24“ (www.news24.al) изјави дека косовската полиција се подготвува да спречи какво било српско сценарио, но и да се соочи со агресијата, доколку е потребно.

- Околу 400 српски екстремисти се обучуваат во областите околу границата со Косово и со наредба на Вучиќ можат да бидат активирани во агресивни напади, рече Свечља.

Косовскиот министер на полицијата се осврна и на прашањето за забрана на употребата на српскиот динар на територијата на Косово, за што рече дека Косово има за цел да биде „демократска земја, во која владеат редот и законот“.

- Ние сме независна и суверена држава, и секако треба да бидеме нормална, независна и суверена држава. Ние не тежнееме кон ништо друго освен да бидеме демократска земја, во која владеат редот и законот. И, како и одлуката за динарот, така и претходните одлуки за регистерските таблички, за сметките за струја..., тоа се повеќе од нормални одлуки на земја која претендира да биде дел од Европската  унија и НАТО, рече Свечља. иа/паг/
 

 
 

 

 

Остани поврзан