• недела, 24 ноември 2024

Свечља: Мостот на Ибар ќе се отвори, тоа прашање не е дел од дијалогот со Србија

Свечља: Мостот на Ибар ќе се отвори, тоа прашање не е дел од дијалогот со Србија

Приштина, 7 август 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, изјави дека прашањето за отворањето на мостот на реката Ибар за сообраќај на возила е затворено уште во 2016 година и дека тоа повеќе не е прашање на дијалогот меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља денеска заедно со министерот за локална самоуправа Елберт Красниќи изврши увид на мостот, по што пред новинарите изјави дека увидот опфаќа две фази.

- Увидот е во две фази, во процес сме, постапуваме според планот кој го споделуваме со колегите и не гледам ништо извонредно. Прашањето е затворено уште од 2016 година. Тоа воопшто не е прашање од дијалогот. Се работи за правото на отворање и за одлука која е веќе јавна, изјави Свечља пред новинарите.

За денешниот протест на Србите на север против отворањето на мостот, косовскиот министер за внатрешни работи рече дека „сите граѓани го уживаат правото на протест“.

Министерот за локална самоуправа, Красниќи изјави дека очекува Србите да учествуваат на консултативната средба за отворање на мостот на Ибар, што ќе се одржи утре (четврток) од 11:00 часот во просториите на собранието на општина Северна Митровица.

Министерот од редовите на партијата на Египќаните во Косово во изјава за медиумите рече дека сега е вистинскиот момент внатрешно да се разговара за отворање на мостот.

- На средбата ќе се разговара за ситуацијата, каква е загриженоста околу отворањето на мостот. Секако дека ќе ги адресираме сите грижи. Очекувам граѓаните да учествуваат. Верувам дека е многу добар момент да дојдат граѓаните, и оние кои протестираат, и да зборуваат за нивните грижи. Очекувам дека ќе има учество и интерес за утрешната средба. Утре можеме да им одговориме за секоја загриженост што ја имаат за безбедносната состојба и меѓуетничките односи, рече Красниќи. иа/

Остани поврзан