• среда, 25 декември 2024

Свечено промовирани апсолвенти од академската 2020/2021 година на Универзитетот во Тетово

Свечено промовирани апсолвенти од академската 2020/2021 година на Универзитетот во Тетово
Тетово, 10 јули 2021 (МИА) – Универзитетот во Тетово денеска организираше свеченост за промоција на апсолвентите од академската 2020/2021 година. Околу 1000 апсолвенти од 13 факултети кои го завршуваат високото образование беа претставени пред нивните семејства и гости на свеченоста која заврши на традиционалниот начин со фрлање на капите во воздух. Ректорот на Универзитетот Вулнет Амети на пригодната церемонија потсети дека оваа академска година помина со предизвиците кои ги донесе коронавирусот што успешно беа надминати со комбинирана настава. Тој им посака на студентите да продолжат со успеси во животот и да така да ги унапредат достигнувањата на Универзитетот. -Денес ја организираме една од најубавите активности во воспитно научната дејност на нашиот Универзитет. Го одбележуваме денот кој сите ние ќе го паметиме со години, особено апсолвентите кои како никогаш порано се чувствуваат реализирани во својата цел и се подготвени да отворат нова страница во животната и професионалната биографија. Почитувани апсолвенти, му дадовте сјај на овој универзитетски плоштад и како Вас и ние сме среќни што го остварувате Вашиот сон за образование, истакна ректорот Вулнет Амети. Вицепремиерот Артан Груби, кој исто така присуствуваше на церемонијата, упати честитки на академскиот кадар на универзитетот за покажаната посветеност во подготовката на квалитетни кадри и на студентите за постигнатиот успех истакнувајќи дека Тетовскиот Универзитет е храм на знаењето, дел од историјата и напорите за еднаквост. - Овој универзитет е посебен, тој е повеќе од еден храм на знаење, е дел од националната историја и напорите за еднаквост. Вие што денес добивате дипломи, затоа што сте млади во години, како што сум и јас, несомнено ги знаете по тешкотиите на времето кога овој Универзитет е основан и застана на нозе, но за разлика од тогаш, денес сме сведоци дека Тетовскиот Универзитет има обезбедено можности за образование на нашите граѓани и стана симбол за образование и подготовка на студенти со академско ниво во нашата земја и регионот, рече Груби во својот говор. Во име на апсолвентите пред присутните се обрати студентот на Медицискиот факултет Дриљон Мифтари. -Не научија неуморно да работиме и да соработуваме и да се мотивираме еден со друг. Кога почнав со студирање се прашував кога ќе завршам, кога ќе дипломирам. Се чинеше долго време, Но времето помина, брзо како да трепнеш. Еден доктор или професионалец, треба да биде секогаш студент. Да го работиме тоа што го сакаме, рече Дриљон Мифтари. ас/оџ/            

Остани поврзан