• петок, 27 декември 2024

Свечено отворен 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Свечено отворен 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Прилеп, 7 јуни 2024 (МИА) - Со  доделување на наградите за животно дело на актерите Мими Таневска-Србиновска и на Јордан Витанов, и со првата претстава во конкуренцијата, „Хеда Габлер“ на Драмски театар од Скопје, вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворен 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Годинава фестивалот се одржува под мотото „Промени се, промени сѐ“.

 -Педесет и осум пати од оваа сцена во Прилеп се иницирале некои театарски промени, затоа е важно да го означиме тоа, а истовремено да нагласиме дека почнуваме и нови промени и се надеваме дека ќе инспирираме и понатаму, Овие осум дена имаме театар на сите страни низ градот, ќе го играме, ќе го учиме, ќе го гледаме, ќе го уживаме театарот, но и ќе говориме за него, ќе се почитуваме и ќе создаваме малку поинаков театарски свет од оној на кој сме навикнати. Промената што ја навестив со максимата на фестивалот ја почнав од себе, од организацијата на фестивалот, до дигитализацијата, па дојдовме и до неговата естетика. Се надевам дека таа промена како нашиот замислен бран ќе предизвика уште подобри промени во театарскиот свет, рече на отворањето Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески рече дека во ова време на промени, театарот како уметност има уникатна моќ да нè инспирира, да нè поттикне на размислување и да ни покаже различни перспективи.

-Театарот нè учи на емпатија, на разбирање и на сила да се соочиме со предизвиците. Преку театарските претстави, ние не само што сме сведоци на уметноста, туку и активно учествуваме во неа, чувствувајќи ги емоциите и пораките што ни ги пренесуваат актерите, рече Јовчески.

На актерите Мими Таневска-Србиновска и на Јордан Витанов им беа врачени наградите за животно дело, годинава првпат направени од прилепски мермер.

-Посебно ми е драго што оваа награда ја добивам токму на 58-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кога автор во фокусот е Горан Стефановски, зашто во целата моја актерска кариера Горан Стефановски има голем, значителен простор. И посебно ми е драго што наградата доаѓа од фелата, рече актерката и професорка на ФДУ, Мими Таневска-Србиновска, која посебно и се заблагодари на публиката.

Фестивалот го отвори првата претстава во конкуренцијата - „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, а во изведба на ансамблот на Драмски театар од Скопје.

Во конкуренцијата, до 14 јуни, публиката ќе види уште 10 претстави во официјалната и уште пет во придружната програма, промоции, разговори на тркалезната маса, работилници. Претставите ќе ги оценува меѓународно жири, а годинава е воведена и награда од публиката која ќе гласа за, според неа, најдобрата претстава.

При отворањето на фестивалот, во градската библиотека „Борка Талески“ беше отворена изложба „Горан Стефановски и книгите“. Големиот драмски писател Стефановски годинава е автор во фокусот.

На вториот ден, на програмата од 10 часот е детската зона  на платото пред Градскиот саат, во 11 часот е „Стапица“ од Горан Стефановски од актерската школа „Весна Петрушевска“, напладне се разговорите на тркалезната маса за претставата  на Драмски - „Хеда Габлер“, а вечерта, во официјалната конкуренција, од 19.30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“, ансамблот на МНТ ќе ја изведе претставата „Иванов“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска. ем/хс/

Фото: МИА

 

Остани поврзан