• четврток, 26 декември 2024

Свеченост во чест на годинешниот лауреат на Светската награда за хуманизам академик Георги Старделов

Свеченост во чест на годинешниот лауреат на Светската награда за хуманизам академик Георги Старделов
Охрид, 15 јануари 2020 (МИА) – Со пригодна свеченост в сабота во Куќата на Уранија ќе му биде врачена Светската награда за хуманизам на годинешниот добитник, академик Георги Старделов. Старделов е четринаесеттиот добитник на ова престижно светско признание, а прв лауреат од нашата земја.  Наградата ќе му ја врачи градоначалникот на Охрид,  Константин Георгиески, на свеченоста на која е најавено присуство на голем број гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите под покровителство на УНЕСКО, што традицонално се во Охрид по повод Водици. Истовремено со посебно признание ќе му биде оддадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“ што  годинава ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“. Пригодни беседи за Старделов ќе одржат претседателот на Комисијата за доделување на наградата Јордан Плевнеш и Жан-Патрик Конрад, професор на „Ројал колеџ“ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите. Наградата ја доделува Охридската академија на хуманизмот, и тоа традиционално во предвечерието на големиот празник Богојавление – Водици, како активност што ги промовира Охрид и Светиклиментовата традиција во светот, а во насока на возобновување на духовната меморија за првата средновековна школа на хуманизмот основана од светите Климент и Наум, учениците на Св. Кирил и Методиј – заштитниците на Европа, позиционирајќи го повторно Охрид како светска престолнина на хуманизмот. аб/ир

Остани поврзан