• среда, 25 декември 2024

Свеченост во СВР - Охрид по повод Денот на македонската полиција

Свеченост во СВР - Охрид по повод Денот на македонската полиција

Охрид, 7 мај 2024 (МИА) – На пригодна свеченост во присуство на претставници на Општина Охрид, на институции од градот, на ветераните од одбраната и безбедноста денеска Секторот за внатрешни работи од Охрид го одбележа 7 Мај – Денот на македонската полиција.

Началникот на СВР – Охрид, Игор Смилески, ја искористи можноста пред присутните гости да истакне дека на ниво на секторот изминатата година е забележано намалување на сите форми криминални дејствија и на регистрирани кривични дела, како и на зголемување на ефикасноста во расветлувањете кривични дела.

- Во периодот од 2023 година забележано е намалување за 19 проценти на вкупно регистрирани кривични дела, а ефикасноста е 46 проценти. Во делот на тешките кражби споредбено со 2022 година се бележи намалување 27 проценти. Во делот на економски криминалитет на ниво на СВР – Охрид минатата година се бележи намалување за 33 насто, Во делот на недозволена трговија со дрога се регистрирани вкупно 145 кривични дела, поднесени се 129 пријави против 143 лица. Од страна на Отсекот за превенција во 2023 година преземени се вкупно 111 активности, посочи тој.

За првото тромесечие на оваа година, во СВР- Охрид ефикасноста во расветлување кривични дела е 36 проценти, споредбено со истиот период лани кога тоа изнесувала 34 проценти.

- На подрачјето на Охрид се бележи и намалување на вкупно регистрирани кривични дела од 13,5 проценти. Зголем е и бројот поднесени кривични пријави во делот на економскиот криминалитет за 35 проценти и во делот на класичниот кирминал за десет проценти. Забележано е и намалување на бројот сообраќајни незгоди за четири проценти и нмалување на сообрачајни незгоди со телесни повреди за девет проценти.

Според податоците на СВ - Охрид, во делот на трговија со дрога за првите четири месеци оваа година регистрирани се вкупно 27 кривични дела и поднесени 25 пријави против 127 лица.

- Оваа година Отсекот за превенција спроведени се 19 активности. Во делот на јавниот ред и мир се регистрирани 188 прекршоци и поднесени 223 барања до надлежен суд и Комисија за прекршоци, рече Смилески.

Тој рече дека безбедносната состојба во подрачјето на СВР – Охрид е стабилна, дека се спроведуваат мерки во континуитет за подобрување на ефикасноста во работењето, изразувајќи уверување дека и граѓаните се задоволни од презентираните бројки.

Заменик-градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски, во име на локалната самоуправа посочи дека полициските службеници се заштитници на заедницата, херои кои ризикувајќи ги животите ја штитат заедницата и ја прават подобро и побезбедно место за живеење за сите граѓани.

- Во борбата против криминалот вие вршите благородна работа, во сложени околности и честопати опасни ситуации за да ги заштите граѓаните. Ова денешно време е обременето во безбедносни предизвици и затоа потребно е ваше постојано усовршување, градење на вашите капацитети, лични и професионални, но и институционални и усовршување на вашето знаење и познавање на безбедносната проблематика. Тоа од вас го очекуваат граѓаните, кои ви веруваат и поддржуват, како и локалната смаоуправа која е постојано тука за логистичка и секоја друга поддршка и соработка, рече Божиновски.

Портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски, ја искористи можноста да ги посочи и позитивните податоци на Мисијата на ОБСЕ, кои покажуваат на постојаност на транспарентноста во работењето на полицијата како институција, за која рече дека е во постојана нагорна линија.

Претходно во охридската касарна празникот го одбележа и „Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на  Република Македонија“ – Огранок Охрид. аб/лв/

фото/МИА

Остани поврзан