• петок, 25 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Свеченост во Куманово по повод Меѓународниот ден на Ромите

Свеченост во Куманово по повод Меѓународниот ден на Ромите

Куманово, 9 април 2025 (МИА) - Центарот за Ромска Заедница ДРОМ – Куманово, со поддршка на општина Куманово, денеска во занаетчискиот дом организираше свеченост по повод Меѓународниот ден на Ромите. Присутните проследија проекција на документарниот филм „Небо, точак, земја“, учениците прочитаа поезија на ромски јазик и учествуваа на дебатата за социјална инклузија на Ромите.

Ганди Шаќировски порача дека сите заеднички треба да работата на изградба на општество кое ќе биде поеднанско за сите.

- Денеска на овој ден не само што го славиме нашето постоење, туку и се потсетуваме на важноста нашата заедничка борба. Нека ова биде ден за поттик за понатамошна работа, солидарност и наш заеднички напредок. Ви благодариме што сте тука и го поддржувате правото на Ромите за еднаквост и достоинство, заедно можеме да изградиме свет во кој секој поединец ќе се чувствува прифатен и ценет, без разлика на неговото потекло или етничка припадност, рече Шаќировски.

Денешниот настан во организација на Центарот за ромска заедница „Дром“ од Куманово се спроведува согласно јавниот повик за прибирање на предлог проекти за организирање на културни манифестации во општина Куманово, предвидена во програмата за културни манифестации на Општината за 2025 година.

-Во општина Куманово направени се четири стратегии за Роми од 2006-та и првата беше прогласена за најдобро изработена стратегија од Советот на Европа 2008 година, што значи дека даодвме добар пример како да се работи а стратешки документи не само во Македонија, туку и во Европа. Таа стратегија беше разделена по многу држави во Европа. Последната стратегија е со важност до 2030-та година и е поврзана со националната и опфаќа пет области на делување, не значи дека само овие теми се работата. Работиме и на социјала, на дискриманција и особено внимание се посветува на жената Ромка, рече Ахмет Јашаровски од ДРОМ.

Локалната самоуправа вложи во инфраструктурно подобрување на населбите каде живее претежно ромско население, има голем број на образовни активности во делот на уписна политика, во детските градинки со посебна програма се овозможува згрижување. Во однос на вработување се вклучува и приватниот секротр, рече Јашаровски, но, како што подвлече, има голем број активности кои допрва се очекуваат особено за образование за возрасни. Во советот има двајца советници, двајца вработени Роми во општината, и ромскиот јазик е еден од четирите службени јазици.

-Не сме целосно задоволни, бидејќи проблемите се таложеле со децении. Ќе продолжиме да работиме рече Јашаровски.

На настанот присуствуваа претседателката на Совет на Општината, Ивана Ѓоргиевска и раководителите на секторите за култура и образование, Александар Крстевски и Александар Јовановиќ, кои во своите обраќања истакнаа дека со заеднички сили може да се обезбеди подобрување на квалитетот на живот во едно демократско општество, кое ќе се темели на меѓусебна соработка, каде што припадници на различни етнички заедници ќе имаат еднакви можности за развој на секое општествено поле. ам/цр


Фото: МИА и општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан