• петок, 27 декември 2024

Свечена седница во Охрид по повод Денот на народното востание

Свечена седница во Охрид по повод Денот на народното востание

Охрид, 10 октомври 2023 (МИА) – Со свечена седница денеска Општина Охрид го одбележа празникот 11 Октомври – Денот на Народното востание на Македонија.

Пред присутните на седницата меѓу кои претставници од локалната самоуправа, советници, пратеници, претставници на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, граѓани на Охрид свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков, кој потсети на народноослободителна епопеја во Втората светска војна, кога македонскиот народ ги постави темелите на новата македонска држава и го организира многувековниот стремеж на македонскиот народ за создавање сопствена држава.

-          Силната непокорност и континуираната борба на македонскиот народ резултираше со создавање самостојна и независна Република Македонија, како единствена државна територија на македонскиот народ на балканските простори. Славни и неизбришливи се трагите на револуционерниот и бунтовен 11 Октомври, како патоказ низ бурните времиња се до создавањето на сопствената држава и приклучување кон големото светско семејство на народите, рече Пацаков нагласувајќи дека во сите периоди Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација.

Независно сите специфики на историските процеси, како што рече, Охрид доживува национален, социјален, културен и научен развој и продолжува да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и духовност.

Тој ја нагласи потребата од храброст, одважност во носењето одлуки во животот, но нагласи дека најголемата храброст е потребна за задржување на своето, како и подготвеност за достоинствен одговор на предизвиците што ги носи иднината.

-          Нам ни е потребна онаква храброст, каква што во себе го содржи тој 11 Октомври, датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајќи ги темелите на идниот национален развој. Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои надоаѓаат. Нека ни е честит и долговечен 11 Октомври, симболот на непокорот на македонскиот народ, истакна Пецаков.

Свое обраќање пред присутните имаше и претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески, кој изрази почит кон сите кои се бореа и ги положија животите за слободна и независна Македонија. 

-          Благодарение на пожртвуваноста и храбрите борци на народноослободителната и антифашистичка борба ние живееме во слободна и независна македонска држава, сон на многу генерации кои оставија аманет да ја чуваме со крв спечалената слобода на нашата татковина. Сега кога имаме самостојна македонска држава, кога ја имаме долго очекуваната слобода нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и да продолжиме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред се правото на сопствен индентитет, јазик, историја, култура и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа, рече тој.

Како дел од активностите за одбележување на големито празник утре е предвидено положување цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ низ Охрид – во Градскиот парк, пред Основниот суд, Средношколскиот центар „Св. Кирил и Методиј“ и на Градските гробишта пред алејата на борците од НОБ. аб/са/

Фото: МИА

Остани поврзан