Свечена академија во чест на Свети Климент, патронот на Охрид
- По повод патронот на Охрид - Свети Климент Охридски вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде одржана свечена академија на која ќе бидат врачени највисоките општински признанија.
Охрид, 7 декември 2024 (МИА) - По повод патронот на Охрид - Свети Климент Охридски вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде одржана свечена академија на која ќе бидат врачени највисоките општински признанија.
Наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2024 година ќе ја прими проф. д-р Павле Митрески, а повелбата - Патрон на градот „Свети Климент Охридски“ ќе им биде врачена на Клубот за подводни дејности Охрид и здружението на граѓани НАТГ „Аматер“ – Охрид (Културолошка Иницијатива 5 до 12).
Претходно, ќе биде отворена традиционална изложба на Фото клуб – Охрид во Центарот за култура, како и изложба на уметнички дела од Вангел Наумоски содржани во збирката „Вангел Наумовски“ во сопственост на ЈЗУ Специјализирана болница за отропедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски“ – Охрид.
Програмата ќе продолжи утре, 8 декември, кога е предвидено поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон”- Плаошник, каде ќе биде положено цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во истоименото училиште, како и монументалниот споменик на светителот на Градскиот плоштад. Предвидено е да бидат врачени и наградите за најдобрите поетски творби на Општинскиот награден ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.
Во чест на Свети Климент концерт ќе одржат Фолклорните ансамбли во НУЦК „Григор Прличев“, а во малата сала во Општина Охрид ќе биде отворена изложбата –среброрез: 33 ХРИСТОС- Живот за спас на човештвото од Боро Митрески Минта. сс/лв/
фото:МИА архива