• четврток, 26 декември 2024

Светски познатиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапат во Филхармонија

Светски познатиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапат во Филхармонија

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) – Светски познатиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“ на 16 ти овој месец ќе настапат во Филхармонија.

Виртуозниот Роман Симовиќ – концерт-мајстор на Лондонската филхармонија и камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе настапат на концертниот спектакл „РОМАН“ на 16 октомври во големата сала на Македонската филхармонија со почеток во 20:30 часот.

На денешната прес-конференција по повод најавениот концерт беа презентирани деталите.

-Концертот дефинитивно го најавивме како спектакл поради повеќе аспекти, првиот е брилијатноста во изведбата на светски прославениот Роман Симовиќ, концерт-мајстор на престижната Лондонска филхармонија и еден од моментално водечките виолинисти во светот, чие гостување како солист на нашиот концерт уште еднаш го потврдува статусот на „Профундис“ како водечки уметнички камерен состав во Македонија, но и во регионот, изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар.

Додаде дека на големата сцена на Филхармонија ќе прозвучат делата на тројцата најголеми британски композитори Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, како и четирите годишни времиња од Астор Пјацола.

На прес-конференција свое обраќање имаше и Симовиќ.

- Многу сум среќен што доаѓам во Скопје после подолг период. Возбуден сум од можноста за соработка со македонскиот камерен оркестар „Профундис“ за кого имам слушнато само пофалби и убави зборови од моите колеги, а особено драга ми е средбата со диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Во Скопје ќе престојувам неколку дена, ќе имаме неколку заеднички проби и едвај чекам да музицираме заедно. Особено драга ќе ми биде изведбата на Пјацола, врвно и многу ефективно дело за кое ветувам дека ќе го оставам срцето и душата на сцена, кажа Роман Симовиќ.

Инаку, камерниот оркестар „Профундис“ уметникува на македонската културна сцена веќе четири години, а на оваа прва официјална средба со новинарите беа презентирани и најистакнатите проекти на овој уметнички состав низ годините.

-Имаме реализирано 27 концерти овие четири години, интернационални гостувања и мултимедијални спектакли, со врвни македонски солисти, но и со познати имиња од светската класична музичка сцена како Ирина Мурезану, Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, Јован Богосављевиќ, Огњен Поповиќ, Данијеле Ајело, Џузепе Нова, Антонио ди Кристофано, Благој Нацоски, Владимир Костор, Ема Попивода и многу други. Оставаме публиката и концертите да бидат потврда за квалитетот и вредноста која „Профундис“ ја има како изграден бренд, додаде Јане Бакевски, креативен директор во „Профундис“.

Климент Тодороски, концерт-мајстор на „Профундис“, уште еднаш ја потенцираше важноста на соработката со овој голем музички великан, за кој како што кажа, е врвен инструменталист.

Роман Симовиќ има настапувано во „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева и многу други. Добитник на престижни награди. Како солист настапува со водечки оркестри во светот. Тој е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија

Влезниците за концертниот спектакл „РОМАН“ се достапни во ограничен број преку продажната мрежа на МК ТИКЕТС како и онлајн (https://www.karti.com.mk/roman.nspx), по цени кои почнуваат од 500 денари.свс/са/

Фото:МИА

Остани поврзан