• среда, 25 декември 2024

Светски ден на срцето: Кардиоваскуларните заболувања причина за околу 31 процент од смртноста во земјава

Светски ден на срцето: Кардиоваскуларните заболувања причина за околу 31 процент од смртноста во земјава
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Речиси 31 процент од смртноста во земјава се должи на кардиоваскуларни болести, а загрижувачки е и податокот што укажува дека се бележи тенденција на пораст на срцеви заболувања кај се помладата популација, која што е работно активна, односно популација под 40 годишна возраст, информираше министерот за здравство Беким Сали, по повод одбележувањето на 29 септември – Светскиот ден на срцето. На Клиниката за кардиологија, каде што по повод Светскиот ден на срцето беше врачена медицинска опрема, донација од македонската дијаспора од Соединетите Американски Држави, министерот Сали изјави дека годишно на оваа клиника околу 35.000 пациенти се опслужуваат со амбулантски прегледи, а околу десет до единаесет илјади пациенти се хоспитализирани на годишно ниво. - Кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смртност во светот. Глобално, околу 18,5 милиони луѓе умираат од кардиоваскуларни заболувања, што е огромна бројка. Клиниката за кардиологија во континуитет се бори против овие кардиоваскуларни заболувања. Морам да потенцирам дека ние сме високостручна научно образовна институција, каде што изведуваме најсофистицирани методи за дијагностика и третман на овие заболувања, изјави директорот на Клиниката за кардиологија, д-р Жан Зимбаков. Посочи дека на Клиниката се изведуваат околу 6 000 интервентни процедури, а низ интензивна нега поминуваат 12.000 пациенти, додека годишно бројката на прегледи на Кардиологија е над 30.000 пациенти. Д-р Зимбаков истакна дека на Клиниката за кардиохирургија исто така, покрај третманот на пациентите со најтешките акутни заболувања, се третираат пациенти за превенција на мозочен удар, третман на периферните артериски артерии, со што се зголемува работоспособноста на пациентите меѓутоа се намалува и стапката на периферните екстремитети. Најави дека ќе биде отворена и комплетно нова ангиографска сала, четврта на Клиниката за кардиологија, каде што ќе се изведуваат процедури на електростимулација и електрофизиологија. -Во меѓувреме, правиме реконструкција на третата сала и ќе инсталираме најсофистициран ангиограф и во таа сала. Со помош на Министерството за здравство се надеваме дека во кратко време ќе добиеме уште два ангиографа, ќе ги опремиме и другите две сали, со што ќе го заокружиме обновувањето на старата опрема со комплетно нова опрема и ќе имаме поголем капацитет да прифатиме уште повеќе пациенти, додаде тој. Сали информираше дека Министерството на годишно ниво има планирано програма за превенција на кардиоваскуларните болести со посебен фокус на превенција на факторите на ризик, навремено дијагностицирање, препознавање на кардиоваскуларните заболувања, намалување на смртноста, како и унапредување на квалитетот на третман и лекување на секундарно терцијарно ниво. За оваа година, како што соопшти министерот предвидени се 20 милиони денари во програма за превенција на кардиоваскуларните болести. ки/ац/

Остани поврзан