• сабота, 23 ноември 2024

Светски ден на менталното здравје - депресијата станува една од главните растројства кои што го инвалидизираат човекот

Светски ден на менталното здравје - депресијата станува една од главните растројства кои што го инвалидизираат човекот

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) – Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје денеска во Градски парк го одбележа Светскиот ден на менталното здравје и се придружи кон иницијативата „Менталното здравје како универзално човеково право”, предводена од Светската Здравствена Организација.

Менталното здравје е универзално човеково право, рече професорката на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, Славица Арсова, и додаде дека секој од нас без разлика на неговата возраст, пол и други различни обележја има право на квалитетна здравствена заштита, односно грижа како за телесното, така и за менталното здравје. 

-Менталното здравје за целокупното човеково здравје е една целина, не можеме да го одвоиме менталното здравје од телесното по ниту еден основ, и врз основа на тоа секоја индивидуа од најмала возраст, па сѐ до најдоцнежна возраст има право да побара да се грижи за своето ментално здравје исто толку добро колку и за телесното здравје, изјави Арсова од Градскиот парк во Скопје.

Често постои стигматизација на овој план дека немаш право да си тажен, исплашен или разочаран, вели Арсова, и затоа како што рече, целта на Универзитетската клиника за психијатрија, заедно со целокупниот тим, е да ги направи индивидуите самостојни и да можат да се грижат за себе и за своите потреби.

-Депресијата станува една од главните растројства кои што го инвалидизираат човекот, не само кај нас туку и во светот. Особено сакам да ставам акцент на оние ранливи категории на граѓани, тоа се деца, адолесценти, жени, повозрасни иднивидуи, индивидуи кои што имаат некакви нарушувања дали телесни или ментални, рече Арсова.

Последните две истражувања на национално ниво, спроведени од Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, ги опфаќаат адолесцентите и жените, кои што се во тек на бременоста, како посебно ранлива категорија.

-Бројките се загрижувачки, односно кај една третина од адолесцентите се јавува некаков тип на депресивност или анксиозност, која што се разбира дека е непрепознаена, истото се случува и кај жените, односно речиси кај една третина од испитаничките добивме податоци кои укажуваат на постоење на анксиозност и депресивност во тек на бременоста. Токму адолесцентите и жените во тие ранливи периоди се онаа категорија на граѓани, за кои што велиме дека се поранливи односно вулнерабилни, и во дадени животни периоди можно е да има потреба од психијатриско-психолошка помош, рече Арсова.

Д-р Стефанија Митровска од Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје рече дека најновите податоци од истражувањето спроведено после ковид покажуваат изразено покачени бројки на депресивност и анксиозност кај жените во текот на бременоста и после породувањето.

-Во истражувањето се покажа дека една третина од вклучените испитанички имаат потешкотии, односно покажуваат клинички релевантни симптоми на депресивност, додека исто така една третина се соочуваат со клинички значајна анксиозност, рече Митровска.

Според најновите податоци за менталното здравје кај деца на училишна возраст, Регионалната канцеларија на СЗО за Европа  открива широко распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња. Според податоците и кај нас расте преваленцијата на млади со нарушено ментално здравје од 11 до 15 години.

-Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја, а од психосоматски тегоби истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци како болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години. Исто така, и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата, стои во соопштението.

Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, објаснуваат од таму, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата.

Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Северна Македонија. Споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваат чувства на осаменост, во Северна Македонија таа бројка е 31%. Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности, стои во Меѓународниот извештај на Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст. /ра/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан