• среда, 25 декември 2024

Светските лидери денеска и утре на самитот на Г-20 во Бали

Светските лидери денеска и утре на самитот на Г-20 во Бали
Бали, 15 ноември 2022 (МИА) - Светските лидери денеска и утре се среќаваат на годишниот самит на Г-20 на индонезискиот остров Бали. Главната цел е да и се помогне на економијата да се опорави по коронавирусот, но тензиите околу војната во Украина би можеле да бидат попречувачки фактор, објави Би-Би-Си. Г-20 е клуб на земји кои се состануваат за да разговараат за плановите за глобалната економија. Земјите од Г-20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија. Во нив живеат две третини од светската популација. Членки на Г-20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и претставници на Европската унија, односно администрацијата во Брисел. Шпанија е секогаш поканета како гостин. Прашањата за кои дискутираат лидерите на Г-20 се движат од економија до климатски промени, одржлива енергија, меѓународно олеснување на долгот и оданочување на мултинационалните корпорации. Секоја година, различна земја-членка на Г-20 го презема претседавањето и ја поставува агендата за состаноците. Како претседавач во 2022 година, Индонезија сака самитот на Бали да се фокусира на глобалните здравствени мерки и постпандемиското економско закрепнување. Исто така, сака да го промовира усвојувањето на стратегија за одржлива енергија. Самитот е и можност лидерите на земјите да одржат билатерални средби. Пред самитот, американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг одржаа тричасовен состанок во понеделникот и порачаа дека никогаш не треба да се води нуклеарна војна. Тоа беше нивна прва средба откако Бајден стана претседател. Бајден и Си истакнаа дека не може да има победници во нуклеарна војна и го нагласија своето противење на употребата или заканата од употреба на нуклеарно оружје во Украина. Министерството за надворешни работи на Украина побара Русија да биде исклучена од Г-20 поради нејзината инвазија на Украина. Индонезиската влада соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на самитот, а руската делегација ќе ја предводи шефот на дипломатијата на таа земја Сергеј Лавров. паг/  

Тагови

Остани поврзан