• вторник, 24 декември 2024

Светскиот шампион, кикбоксерот Илиевски на прием во Агенцијата за млади и спорт

Светскиот шампион, кикбоксерот Илиевски на прием во Агенцијата за млади и спорт

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, денес организираше прием за македонскиот кикбоксер, Бобан Илиевски, кој неодамна се закити со златниот медал на Светското првенство во Португалија.

Мојсовски му го честиташе големиот успех на Илиевски и му порача дека АМС, како и досега, ќе продолжи со поддршката во насока обезбедување секакви услови за уште подобри резултати.

-Бобан ја направи нашата држава горда. Ветеното од тебе и од твоите тренери од пред неколку години го исполнивте. Златото од Светското првенство е голем успех. Благодарност од целата агенција и од сите спортисти воопшто. Се надевам дека уште долго време ќе соработуваме. Наше е да ти обезбедиме услови, а твое е само да работиш и да мислиш на борбите. Ти посакувам сите цели да ти се остварат, изјави Мојсовски.

Светскиот шампион се осврна на турнирот и големиот резултат.

- Добро се подготвував за ова првенство. Бев целосно фокусиран на натпреварувањето и размислував само како да го освојам трофејот. Бев уверен дека ќе стигнам до златото. Со моите тренери одбравме одлична тактика и ги победив сите противници. Следен голем предизвик ми е профи борбата на турнирот во Скопје следната година. За таа борба планирам да одам на едномесечни подготовки во Холандија каде ќе имам многу добри спарингувања, рече Илиевски.

За поддршката што ја добиваат од АМС се заблагодари претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски-Урко.

-Без вашата поддршка ова немаше да биде. Сите средства што ги добиваме одат на право место. Нашиот успех е врзан со помошта од агенцијата. Успеваме да одиме на сите Светски и Европски првенства и од секое големо натпреварување носиме медали, рече Митровски.

На Светското првенство во Португалија, Илиевски до златото стигна на доминантен начин совладувајќи ги убедливо тројцата противници на патот до трофејот. Тој е и актуелен европски шампион. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан