• четврток, 26 декември 2024

Светскиот ден на првата помош одбележан во Делчево

Светскиот ден на првата помош одбележан во Делчево

Делчево, 18 септември 2023 (МИА) - Црвен Крст Делчево го одбележа Светскиот ден на првата помош. Оваа година одбележувањето како што информираа од Општинската организација се одбележа во соработка  со ученици од делчевската гимназија, а акцент беше ставен на афирмација на оваа животоспасувачка вештина меѓу младите.

-Целта на годинешното одбележување е  подигнување на јавната свест за пружање на прва помош и спасување на животи во секојдневни и кризни ситуации, како и промовирање и застапување на заложбите за поседување на знаење и вештини за укажување на првата помош кај пошироката јавност, истакнаа од Црвен Крст - Делчево.

На работилницата волонтери од Црвен Крст од Делчево покажаа практични вежби за давање на прва помош пред учениците од прва и втора година од Средното општинско училиште ,,Методи Митевски - Брицо".

-Вештините за укажување на прва помош треба да бидат достапни за сите како хуманитарен чин кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнувањето предизвикани од ненадејни повреди или болест.  Поседувањето вештини за прва помош го зголемува капацитетот на поединецот да преземе брза акција за да ги намали или стабилизира сериозните повреди и да ги подобри шансите за преживување на жртвата, додадоа од Црвен Крст Делчево.

Светскиот ден на првата помош се одбележува ширум светот секоја година во во месец септември. Првата помош не секогаш е укажана од медицински лица, бидејќи во секојдневните несреќи и вонредни ситуации обичните луѓе често се принудени да укажат прва помош за да спасат нечиј живот. вс/

 

Остани поврзан