• четврток, 26 декември 2024

Светскиот ден на биодиверзитетот одбележан на НАТУРА 2000 локалитет на Националниот парк „Галичица“

Светскиот ден на биодиверзитетот одбележан на НАТУРА 2000 локалитет на Националниот парк „Галичица“

Охрид, 22 мај 2024 (МИА) – На локација во близина на охридското село Велестово, посочена како потенцијално НАТУРА 2000 подрачје на планината Галичица беше одбележан Денот на НАТУРА 2000 и Светскиот ден на биодиверзитетот.  

Потенцијалниот НАТУРА 2000 локалитет е дел од Националниот парк „Галичица“, во кој се регистрирани преку 37 растителни заедници, повеќе од 40 живеалишта со над 1600 растителни видови и над 3200 животински видови.

За изборот токму Галичица да стане дел од проектот НАТУРА 2000 што опфаќа најголема координирана мрежа на заштитени природно подрачја во светот говореше Бен Нупнау, заменик-шеф на мисијата при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија кој се наврати на почетоците на мрежата, пред 32 години Европската Унија ја усвои Директивата за живеалишта и Програмата „Life“.

„Покрај тоа што е совршено место да се ужива во недопрената природа, Галичица, исто така не потсетува колку е важно да се зачува природата и дека секој од нас има улога во тоа. Заштитата се протега многу пошироко од само прогласување на едно место како подрачје од вредност. Потребно е солидно управување од страна на соодветни и компетентни кадри и соодветни финансиски ресурси, но и континуирани заложби за да се возобнови она што било оштетено и да се зачува тоа што сѐ уште е во добра состојба. Тоа е прашање на голема итност насекаде, а зелената агенда на ЕУ става фокус на тоа што значи дека ќе следат и ресурси, поради тоа што биоразновидноста е крвотокот на нашата планета која мора да ја заштитиме за идните генерации“, рече Нупнау.

Даниел Богнер, тим лидер на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“ објасни дека ова подрачје изобилува со тревни површини кои се приоритетни области за заштита во ЕУ и за нив е потребно дополнително внимание, бидејќи се дом на околу 120 различни видови на растенија, а со секое растение се поврзани различни инсекти кои пак се храна за многу птици.

„Синџирот во биодиверзитетот зависи од тревните површини, а тие се под закана што е тренд кој се јавува секаде низ Европа, луѓето си заминуваат од руралните подрачја, земјоделието се напушта и овие тревни површини се обраснати со различни видови на грмушки, ставајќи го биодиверзитетот под закана да биде изгубен во иднина. Ова е задача за институциите и за Националниот парк кои преку добро управување со овие подрачја можат да помогнат во негово зачувување“, истакна Богнер.

Климент Нанев, од НП „Галичица“  рече дека поради зголеменото човеково влијание, загадувањето и другите неповолни појави врз природата од несомнено значење е воспоставување на една ваква мрежа која ќе ги вмрежи не само веќе заштитените, туку и другите Натура 2000 подрачја кои ќе се номинираат во иднина за нивното вмрежување да биде целисходно и да се заштитат како на важните живеалишта така и видовите кои живеат во нив.

Можноста за набљудување во природа и запознавање со биодиверзитетот во НП „Галичица“ ја имаа учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид и ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје преку работилница која беше предводена од страна на едукатор од Националниот парк и неколку експерти. аб/са/

Фото: НАТУРА 2000

Остани поврзан