• недела, 24 ноември 2024

Светска премиера на „Човекот кој премногу знаеше“ и „Социјална дилема“ го затвораат ИФФС

Светска премиера на „Човекот кој премногу знаеше“ и „Социјална дилема“ го затвораат ИФФС
Скопје, 25 октомври 2020 (МИА) - Завршува четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, кое годинава се одржува онлајн. Филмовите од фестивалската селекција, бесплатно и со македонски превод, се достапни преку платформата Синесквер. - За последниот фестивалски ден е закажан разговорот со наградуваната новинарка Миа Малан, основачка на јужноафриканскиот медиум Бекисиса, светол пример за темелно и одговорно известување за пандемијата со КОВИД-19, како и излагањето на британскиот независен документарист, Мајкл Освалд, на тема „Како да снимите филм без буџет“, соопшти тимот на ИФФС/ПИНА. Освалд, појаснуваат оттаму, ќе објасни како се избира темата на филмот, како се договараат соработници, како се продуцира филмот и клучно, како без институционална поддршка може да се создаде дело што ќе остави белег. На ИФФС се одржува и светската премиера на неговото најново остварување, „Човекот кој премногу знаеше“, документарец за Колин Волис, поранешен виш службеник за информации во Министерството за одбрана на Велика Британија. Филмот нуди поглед на двојните аршини во разузнувачкиот свет низ очите на човек кој бил во центарот на таа приказна. „Човекот кој премногу знаеше“ зборува за Волис, чија работа вклучувала ширење лажни вести и создавање раздор помеѓу заедници, организации и поединци, за по извесно време и самиот тој да стане жртва во оваа сложена игра. „Човекот кој премногу знаеше“ како и останатата фествалска селекција може да се погледне во кое било време до недела на полноќ. Филмовите кои бесплатно може да се погледнат со македонски превод се: „Коронација“ на кинескиот уметник Ај Вејвеј, кој е снимен „од дистанца“, користејќи материјали од жителите на Вухан; документарната истрага „Криминал од солидарност“; „Амазонија: Будењето на Флорестанија“ за еколошките проблеми и конзумеризмот; „Солидарност“ за неверојатните „црни листи“ за работниците во Велика Британија; „Моја драга самопослуго“ и „Запознајте ги цензорите“. „Социјалната дилема“, актуелниот документарец од Нетфликс, кој со македонски превод ќе се прикажува за затворање на фестивалот, ќе биде достапен единствено денеска во 20 часот. Содржините од четвртото издание на истражувачкиот филмски фестивал, меѓу кои и гостувањето на синот на убиената малтешка новинарка Дафне, Метју Каруана Галиција; излагањето на Дугал Шо од Би-би-си за мобилно новинарство насочено кон решенија; и разговорот за работничките права на новинарите во земјава, се достапни на веб-страницата pina.mk. Четвртото издание на ИФФС го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА во партнерство со Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје и поддршка од канцеларијата на УНХЦР – Скопје. мс/ац/

Остани поврзан