• петок, 27 декември 2024

Светска премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ на „Палм Бич“ во Флорида

Светска премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ на „Палм Бич“ во Флорида

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - Дебитантскиот долгометражен игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски во април ќе има светска премиера на „Меѓународниот филмски фестивал во Палм Бич“  во американската сојузна држава Флорида.

Организаторите на Фестивалот велат дека нивната мисија е откривање и развивање на нови и независни филмаџии на денешницата и иднината и препознавање на оригинални визионери низ целиот свет.

Режисерот и сценарист на филмот Гоце Цветановски посочи дека најголема желба му била светската премиера да биде токму во САД - дестинација што ја доживува како центарот на филмските случувања на светската мапа.

- Првите чекори секогаш се најважни и можам да кажам дека мојот сон се оствари. Би сакал да и честитам на целата екипа за овој успех. Нашиот проект ќе биде прикажан во конкуренција со некои од најдобрите независни филмови во САД и во светот, рече Цветановски кој македонската публика најдобро го знае преку серијалот „Светот на Биби“, а изминатите години работи и на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“.

„Бизнисот на задоволството“ е трилер кој ја обработува темата за трговија со жени. Филмот претходно во македонската јавност беше промовиран со работниот наслов „Денот на жената“, а по учеството на „Американскиот филмски маркет“ во Лос Анџелес и договорот за дистрибуција со американската компанија „Принц Филмс“ филмот беше преименуван. Од продукцијата сметаат дека новиот наслов е попровокативен и подобро ќе го претстави ова дело пред публиката.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска.

Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, за првпат се потпишува како кинематографер на долгометражен игран филм.

„Бизнисот на задоволството“ беше снимен со поддршка на Агенцијата за филм. бт/сп/

Фото: Маја Аргакијева

Остани поврзан