Светската банка заинтересирана за финансирање гасни проекти во Србија, фокус на државата е гасна интерконекција со Северна Македонија
- „Нашиот фокус во гасниот сектор сега е изградбата на гасна интерконекција со Северна Македонија, за што подготвивме студија за изводливост, што е финансирана од средства на ЕУ и за нашиот и за македонскиот дел. Со изградбата на таа интерконекција, отвораме уште еден алтернативен пат за снабдување со гас“
Белград, 11 февруари 2026 (МИА) - Српската министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека Светската банка е заинтересирана за поширока програма за поддршка на гасниот сектор во Србија, во рамките на која би можеле да обезбедат финансирање во фази за изградба на гасни интерконекции, зајакнување на постојната гасна инфраструктура во земјата, како и изградба на нови капацитети за складирање.
„Гасот го сметаме за долгорочен транзициски енергенс на патот кон декарбонизација, бидејќи е основен енергенс и потребно е да се изгради инфраструктура за да се исполнат целите дефинирани со стратешките документи“, рече таа по разговорот со делегацијата на Светската банка.
„Нашиот фокус во гасниот сектор сега е изградбата на гасна интерконекција со Северна Македонија, за што подготвивме студија за изводливост, што е финансирана од средства на ЕУ и за нашиот и за македонскиот дел. Со изградбата на таа интерконекција, отвораме уште еден алтернативен пат за снабдување со гас“, рече таа.
Делегацијата ја предводеше менаџерката во областа на енергетиката за Европа и Централна Азија, Стефани Гил, а беше разговарано за програмата за поддршка и финансирање на проекти во енергетскиот сектор, со фокус на гасниот сектор и енергетската ефикасност во Србија.
Српската министерка додаде дека покрај финансирањето, со претставници на Светската банка разговарала и за техничка поддршка за развој на проекти што се во подготвителна фаза, соопшти министерството.
Ѓедовиќ Хандановиќ нагласи дека Србија има намера да го продолжи проектот „Чиста енергија и енергетска ефикасност за граѓаните“ (SURCE), кој, како што истакна, успешно се спроведува со Светската банка и во рамките на кој се субвенционираат мерки за енергетска ефикасност за домаќинствата.
„До крајот на 2027 година, ќе доделиме субвенции на околу 50.000 домаќинства и нашата цел е да продолжиме со таа програма. Со зголемување на енергетската ефикасност, ја намалуваме потрошувачката и емисиите на штетни гасови, како и заштедите во буџетите на домаќинствата на граѓаните.“
Според неа, Светската банка е заинтересирана и за финансирање на енергетската санација на јавни згради, како што се училишта, градинки, болници, што би создало нови работни места покрај заштедата на енергија што може да достигне до 50 проценти. зш/јт/