• среда, 25 декември 2024

Светот ќе има 200 милиони луѓе помалку на крајот на 21 век поради намалувањето на стапката на наталитетот

Светот ќе има 200 милиони луѓе помалку на крајот на 21 век поради намалувањето на стапката на наталитетот

Лондон, 12 јули 2024 (МИА) - Светот на крајот на 21 век ќе има 200 милиони луѓе помалку отколку што се очекуваше претходно, според извештај на ОН во кој се истакнува драматичното влијание на намалувањето на стапката на наталитетот врз глобалната популација.

Во новото издание на извештајот „Перспективите на светската популација“, кој ОН го објавуваат на секои две години, се наведува дека светското население ќе порасне од 8,2 милијарди во 2024 година на максимумот од околу 10,3 милијарди во 2080 година, за потоа да се намали на околу 10,2 милијарди на крајот на векот.

Во претходното издание на извештајот, од 2022 година, се предвидуваше дека глобалната популација ќе достигне максимум 10,4 милијарди во 2080 година и ќе остане на тоа ниво до 2100 година.

„Демографскиот пејзаж еволуираше во голема мера“, рече заменик-секретарот на ОН за економски и социјални прашања Ли Џунхуа, додавајќи дека нешто побрзо опаѓање на стапката на наталитетот е забележано во некои региони со висока плодност, објави денеска Фајненшл тајмс.

Во повеќе од половина од земјите, просечниот број на живородени по жена е веќе под 2,1, што е нивото на кое популацијата е стабилна.

До 2100 година, населението на Европа ќе се намали за 21 отсто од максимумот во 2020 година, што е најголем пад на некој континент, се вели во извештајот.

Понатаму се сугерира дека намалувањето на бројот на населението може да помогне во ублажувањето на климатските промени со намалување на побарувачката за јаглеродни-интензивни активности, а некои економисти укажуваат на намалениот притисок врз домувањето, инфраструктурата и услугите.

Сепак, намалувањето на работоспособното население и поголемиот удел на постари лица ќе биде дополнителен притисок врз јавните финансии. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан