• недела, 24 ноември 2024

Сведоштво на Раша за ужасите во Сирија

Сведоштво на Раша за ужасите во Сирија
Тирана, 18 август 2022 (МИА) - Две години по нејзината репатријација од Сирија, Флореша Раша одлучила да зборува и да соработува со албанските правосудни органи. Нејзиното сведочење се смета за клучна точка за истрагите на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, за да се открие како Албанците се регрутираат и испраќаат во Сирија, каде што им се придружуваат на борците на терористичката група Исламска држава. - Неодамна е обелоденето сведочењето на Флореша Раша, вдовицата на Лавдерим Мухаџери, од Качаник,еден од лидерите во ИД и познат како „касапот од Качаник“ во кое оваа мајка на три деца ги раскажала траумите што ги доживеала таа и другите албански семејства. По речиси две години престој во еден центар во Драч, Флореша и нејзините три малолетни деца минатиот месец биле префрлени во тајна база, каде и биле испрашувани од антитерористичките агенти, објавија албанските медиуми. Таа за СПАК раскажа како побегнала во Сирија. - Шест месеци откако мојот прв сопруг Дијамант отиде во Сирија, ме молеше да одам таму со децата. Ме убеди Генц Бала, (самопрогласениот имам на новата џамија во Тирана, осуден и е на издржување казна затвор за тероризам). За Сирија отпатував од Приштина со двете малолетни деца. По шест месеци откако отидов таму, мојот сопруг со кого имав ќерка и син, беше убиен. Потоа се омажив повторно, со Лавдерим Мухаџери. Во три години брак родив две деца, од кои едното почина, а ќерката преживеа. Мухаџери беше убиен од воздушен напад, по што бев принудена на брак со борец во Сирија по потекло од Иран, со кого родив дете, изјави Раша. Во исказот додала дека во кампот во Сирија пристигнувале многу Албанци. - Многу Албанци дојдоа во кампот. Одевме во близина на кампот на ИД и таму добивавме по 50 долари по човек и со тие пари преживувавме. Кога се случи последната битка и требаше да бидеме префрлени во логорот Ал Хол, ми ја убија ќерката што ја имав од бракот со Диамант. Во Сирија се убиени многу деца и други албански државјани, посведочи таа. Бидејќи била во брак со Лавдерим Мухаџери, тоа се смета за клучно сведоштво и доказ за албанското обвинителство, бидејќи ги имало имињата на сите Албанци кои биле таму. Раша раскажа и за улогата на жените во сириските логори, како и за Алрмира Кастрати, снаата на Генц Бала. Таа додаде дека Кастрати имала клучна улога да ги убеди жените и девојките Албанки да останат во тамошните кампови и да не се враќаат во Албанија, наведувајќи конкретни имиња и помагајќи во истрагата за ова прашање. вт/ми/

Остани поврзан