• сабота, 23 ноември 2024

СБ на ОН ги ублажи критиките за мировниот план за Блиски Исток

СБ на ОН ги ублажи критиките за мировниот план за Блиски Исток
Њујорк, 10 февруари 2020 (МИА) – Пред гласањето во Советот за безбедност на Обединетите нации во преработената нацрт палестинската резолуција, отстранета е првобитната осуда на планот на  претседателот на САД, Доналд Трамп за решавање на блискоисточниот судир. Според дел од западните медиуми, кои имаа увид во нацрт резолуцијата, не се спомнуваат САД како автор на планот, а критиките биле поумерени отколку во оригиналот. На гласањето во СБ на ОН ќе присуствува и претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас. Мировниот план за Блиски Исток минатата недела беше претставен од советникот и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Планот предвидува главниот палестински град да биде во предградие на Ерусалим, а не во источен Ерусалим и му дозволува на Израел да анектира повеќе од 130 еврејски населби во Западен Брег, како и во Долината Јордан. Палестинците, Арапска Лига и Организацијата за исламска соработка го отфрлија документот. И Африканска унија вчера го отфрли мировниот план за Блиски Исток. Во првобитната нацрт резолуција, претставена од Индонезија и Тунис минатата недела, беше оценето дека американскиот план „го крши меѓународното право и меѓународно поддржаните препораки за постигнување на праведно, сеопфатно и трајно решение на израелско-палестинскиот судир“. Како што најави палестинската мисија во ОН, Абас по гласањето ќе одржи прес-конференција заедно со поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт. ми/

Остани поврзан