• вторник, 24 декември 2024

СБ: Економиите на Западен Балкан треба да ја зајакнат отпорноста на климатските промени

СБ: Економиите на Западен Балкан треба да ја зајакнат отпорноста на климатските промени

Скопје, 17 јули 2024

Шесте економии на Западен Балкан треба заеднички да инвестираат најмалку 37 милијарди долари во следната деценија за ефикасно да ги заштитат луѓето и имотот од штетните и растечки ефекти на климатските промени, се вели во Регионалниот извештај за Западен Балкан за климатски промени и развој на Групацијата Светска банка (CCDR) објавен денеска.

Придобивките од ефикасната климатска акција би биле огромни за Западен Балкан, кој ги вклучува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Овие инвестиции би помогнале да се избегне загубата на човечки животи, имот и продуктивност и би помогнале во забрзувањето на економскиот раст.

Недостакотот од акција не е опција за регионот кој веќе е сериозно погоден од климатските промени. На пример, поплавите директно погодиле два милиони луѓе во последната деценија, а влијанијата ќе се влошат со поекстремните врнежи. Шумските пожари се растечка закана со повеќе од 1500 регистрирани во 2021 година, што претставува зголемување од 21% во последната деценија. Сушите негативно влијаат на земјоделското производство, додека топлотните бранови придонесуваат за загадување на воздухот, предизвикувајќи илјадници предвремени смртни случаи годишно во земјите од Западен Балкан.

„Климатските промени претставуваат јасна закана за економскиот развој на Западен Балкан“, рече Шиаочин Ју, директорка на Светската банка за регионот на Западен Балкан. „Трошоците за инвестиции во адаптација се значителни. Но, добрата вест е дека придобивките се уште поголеми. Подготвувајќи се за климатските опасности, може да спасиме животи, да ги заштитиме локалните заедници и да го поттикнеме економскиот раст“.

Според проценките на Светска банка, инвестициите во адаптација на климатските промени, особено во економиите со низок и среден приход, носат значителен поврат, од околу 4 долари за секој 1 инвестиран долар.

Земјите од Западен Балкан исто така треба да ги намалат своите емисии на стакленички гасови за да останат конкурентни, да ја зајакнат енергетската безбедност и да привлечат меѓународни инвестиции. Сепак, постигнување климатска неутралност до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија, би барало дополнителни инвестиции од 32 милијарди долари.

Постигнувањето на нето нула емисии на стакленички гасови низ целата економија до 2050 година е остварливо доколку соларната, ветерната и хидроенергијата можат да генерираат над 95 проценти од вкупното производство на енергија, што е значително зголемување од сегашната една третина од производството.

Дополнително, од суштинска важност е декарбонизацијата на градежниот сектор преку инвестиции во енергетската ефикасност. Исто така, транспортниот сектор мора значително да се трансформира преку намалување на побарувачката на возила, преминување на поодржливи начини на транспорт и транзитирање кон употреба на електрични возила.

Извештајот нагласува дека значителен дел од финансирањето може да дојде од приватниот сектор. За да се мобилизираат приватните инвестиции, земјите од Западен Балкан мора да обезбедат стабилни регулаторни средини и атрактивни финансиски пазари за да ги охрабрат компаниите да учествуваат во можностите кои ќе ги понуди транзицијата.

„Адаптацијата на климатските промени е клучна за земјите од Западен Балкан за да го максимизираат својот потенцијал и да поттикнат силен и одржлив раст“, рече Николас Маркиер, регионалниот менаџер на Меѓународната Финансиска Корпорација (МФК) за Западен Балкан. „ Учеството на приватниот сектор ќе биде од суштинско значење во тој поглед. Извештајот дава јасен и навремен патоказ за постигнување на оваа транзиција кон нето нула емисии и да се поведе грижа локалните заедници да бидат заштитени и да ги добијат економските придобивки од оваа зелена транзиција“.

Извештајот за клима и развој на државите на Светска банка за Западен Балкан дава неколку препораки за политики кои би го воделе регионот во транзицијата кон климатската неутралност до 2050 година. Овие препораки се организирани во три категории политики:

Трансверзални: Потребно е да се интегрираат напорите за адаптација и за ублажување низ институциите, за ефикасна акција кон климатските промени. На пример, треба да се создадат специјализирани агенции или наменски комисии за клима, додека националните обврски за климатските промени треба да имаат советодавен карактер во информирањето на сите прашања поврзани со климата.

Прекугранични: Прекуграничната соработка е од суштинско значење за справување со климатските ризици кои ги надминуваат географските граници. Зајакнувањето на регионалните институции е клучно за овозможување координација во области како што се системите за рано предупредување, управувањето со споделените ресурси или усогласувањето на енергетските системи.

Целни: Решавањето на специфичните потреби на ранливите заедници е суштинско за ефикасни решенија и имплементација на политиките. Целните политики вклучуваат реформи во образованието и обуката за зголемување на мобилноста на работната сила и напори за усвојување на климатско-паметни практики.

Групацијата Светска банка им помага на земјите да ги намалат јаглеродните емисии и да изградат отпорност на екстремните временски неприлики. Таа поставува амбициозна цел да насочи 45% од своето финансирање на климатска акција до 2025 година, кои средства подеднакво би се распределиле помеѓу ублажувањето и адаптацијата. Во фискалните години 2023 и 2024, Групацијата Светска банка издвои речиси 1,2 милијарди долари за климатско финансирање на Западен Балкан.

За Извештаите за клима и развој на државите (CCDR)

Извештаите за клима и развој на државите на Групацијата Светска банка се нови основни дијагностички извештаи кои интегрираат разгледувања на прашања на климатски промени и развој. Тие им помагаат на земјите да ги приоретизираат највлијателните активности за намалување на емисиите на стакленички гасови и зајакнување на адаптацијата, додека исполнуваат пошироки развојни цели. CCDR извештаите се базираат на податоци и ригорозни истражувања и ги идентификуваат главните патеки за намалување на емисиите на стакленички гасови и климатските ранливости, вклучувајќи ги трошоците и предизвиците, но и ги подвлекуваат придобивките и можностите. Извештаите сугерираат конкретни, приоритетни активности за поддршка на транзицијата кон ниско-јаглероден отпорен развој. Како јавни документи, CCDR извештаите имаат за цел да ги информираат владите, граѓаните, приватниот сектор и развојните партнери и да овозможат ангажман со агендата за развој и клима. CCDR извештаите ќе се надоврзат кон други основни дијагностички алатки на Банката, ангажмани со земјите и операции, и ќе помогнат во привлекување на финансирање и директно финансирање на влијателни климатски акции. 

Групација Светска банка

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива

 

 

Остани поврзан