• четврток, 26 декември 2024

Сајмон Мордју: Северна Македонија не смее да ја испушти шансата за членство во ЕУ 

Сајмон Мордју: Северна Македонија не смее да ја испушти шансата за членство во ЕУ 

Брисел, 7 март 2024 (МИА) - Проширување на Европската Унија ќе има и Северна Македонија не смее да ја испушти оваа шанса за членство, порача советникот за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Сајмон Мордју на денешната средба во Брисел со вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска. 

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Грковска, е потенцирано дека „нема промена на преговарачката рамка и во таа насока клучни се уставните измени, со кои ќе се надминат пречките за нашата земја во пристапниот процес“. 

Грковска и Мордју разговараа и за Планот на Европската комисија за раст за Западниот Балкан, кој има за цел забрзување на реформските процеси во земјите од регион и нивно приближување до ЕУ.  

Грковска при тоа ги истакна активностите преку кои политиките на добро владеење се вградуваат во институциите, вклучувајќи ја и дигиталната трансформација на општеството, која овозможува воведување ефикасни алатки за борба со корупцијата и организираниот криминал. 

Вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење претходно имаше средба и со извршна директорка за Европа и Централна Азија во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Ангелина Ајхорст, која истакна дека како никогаш порано Северна Македонија има бројни пријатели во Брисел и дека тие силно се залагаат за успех во нашиот евроинтеграциски процес.  

Во таа насока, двете соговорнички се согласија дека при тоа е клучен напредокот во владеењето на правото, како и во разрешувањето на предмети поврзани со висока корупција.  

Во однос на претстојните избори, Грковска истакна дека Владата е посветена на организирање фер и правичен изборен процес, како показател за демократскиот напредок на земјата. 
Грковска и Ајхорст се осврнаа и на ефектите од геополитичките случувања, вклучително и од руската агресија на Украина, врз земјите од регионот. При тоа, Грковска ја истакна безрезервната поддршка на земјава за Украина и изрази уверување дека таа ќе продолжи и покрај бројните предизвици произлезени од глобалните кризи. 

Со овие средби Грковска ја заокружи дводневната работна посета на Брисел во чии рамки вчера се сретна со директорот на Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман и беше една од главните говорнички на форумот на високо ниво насловен „Жените во јавниот живот“, во организација на потпретседателката на ЕК за вредности и транспарентност, Вера Јоурова. сп/

Фото: Икс/Влада

Остани поврзан