• сабота, 16 ноември 2024

Саудиска Арабија тројно ќе ги зголеми даноците поради Ковид-19

Саудиска Арабија тројно ќе ги зголеми даноците поради Ковид-19

Ријад, 11 мај 2020 (МИА) - Саудиска Арабија денеска соопшти дека тројно ги зголеми даноците на основните производи, зголемувајќи ги на 15 проценти и дека ќе ги намали трошоците за големи владини проекти за 26 милијарди долари, соочувајќи се со економските последици од пандемијата на новиот коронавирус и ниските цени на нафтата.
Ријад најави дека ќе ги зголеми даноците на додадена вредност од пет на 15 проценти од јули, како одговор на проблемите предизвикани од ниската побарувачка на нафта и неочекуваните дополнителни трошоци за здравството.
Според најавите од Министерството за финансии, граѓаните на Саудиска Арабија ќе го загубат и бонусниот додаток за трошоците за живот, кој постои од 2018 година и ја чинеше државата 13,5 милијарди долари годишно.
Како што пренесуваат странските агенции, новите мерки на најголемиот производител на нафта се многу драстични, бидејќи цената на овој енергенс падна за половина во март, што сигнализира дека соседните земји би можеле да наметнат и повисоки даноци оваа година. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува дека сите шест арапски земји годинава ќе бидат во економска рецесија.
Во првиот квартал на 2020 година во Саудиска Арабија државните приходи се намалија за 22 проценти во однос на истиот период лани, а приходите од нафта за 24 проценти.
Саудиска Арабија, како и другите земји, во борбата против ширењето на коронавирусот, воведе полициски час во поголемите градови, а како една од мерките беше и затворање на џамиите. Досега има околу 39.000 заразени во оваа држава, а 246 лица починале како резултат на вирусот. паг/
   

Остани поврзан