• среда, 18 декември 2024

Сарацин: Да не се потценува временскиот период за донесување на уставните измени

Сарацин: Да не се потценува временскиот период за донесување на уставните измени

Скопје, 11 септември 2023 (МИА) - Да не се потценува временскиот период за донесување на уставните измени, порача денеска во Скопје специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин на средбата со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Сарацин, како што соопшти собраниската прес-служба, ја поздрави одличната соработка со германскиот Бундестаг и особено размената на искуства за собраниското обезбедување.

-Во рамки на својата функција, ја понуди помошта и поддршката за унапредување на процесот на евроинтеграции, истакнувајќи дека Сојузна Република Германија посакува процесот на уставни измени да се заокружи што е можно поскоро. Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на нашата земја од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Од тие причини, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување. Негово видување е дека многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти, истакна Сарацин.

Претседателот на Собранието, Џафери изрази особена благодарност за личниот ангажман на соговорникот, како и на посветената и континуираната поддршка на Сојузна Република Германија за реализацијата на двете стратешки цели на земјата: претходно членството во НАТО и сега актуелно, пристапувањето кон полноправно членство во Европската унија.

На средбата, како што стои во соопштението, беше потенцирана изразено видливата парламентарна соработка со германскиот Бундестаг во последните неколку години на сите нивоа, вклучително и ИПС стипендиската програма и проектот за независно собраниско обезбедување.

-Претседателот Џафери информираше и за активностите кои како земја ги преземаме во однос на обврските од членството во НАТО, за поддршката на Украина, како и за актуелниот процес за пристапување кон измена на Уставот како единствен предуслов кој треба да се заокружи за отворање на преговарачките поглавја, се наведува во соопштението.

Двајцата соговорници ја поздравија одличната соработка на економски план и дијаспората во Сојузна Република Германија, која претставува солидна основа за поголемо зближување и соработка меѓу двете држави.

На средбата присуствуваше амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер и генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова.

Сарацин денеска треба да се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со министерот за надворешни работи Бујар Османи, а планираната е и средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, со кого, како што е најавено, ќе се состане во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

За утре е планирана средба на специјалниот германски пратеник за Западен Балкан со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и негово учество на конференција на тема „Подобрување на Берлинскиот процес, преку парламентарна демократија“.

Сарацин, кој во јуни учествуваше на Преспа форумот, во интервју за МИА рече дека  Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина.

-Доколку сега ги отворите кластерите после уставните измени, патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Вие направивте многу важен чекор, и сите знаат дека вашата земја ќе пристапи, не знаеме колку брзо, но никој веќе не може да ја сврти земјата назад. Гледаме што се случува во вашето соседство и колку е тоа опасно, каде насилни протести повторно се случуваат на улиците после долги години и што ова значи за чувствата на граѓаните од овој регион. Ова кажува: пристапете што е можно побргу, бидете колку што може поблиску до Европската Унија, направете го овој пат неповратен сега, за да бидете посигурни при евентуални следни случувања, а не знаеме што да очекуваме во следните недели и месеци, изјави тогаш германскиот дипломат. дма/лв/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан