• недела, 22 декември 2024

Сарамандов: Во 2025 година продолжуваме со силно темпо на реализација на капитални проекти

Сарамандов: Во 2025 година продолжуваме со силно темпо на реализација на капитални проекти

Скопје, 5 декември 2024 

Денес, со гордост и благодарност за дадената доверба пред три години, со Вас граѓаните, сакам да ги споделам реализираните активности со кои Гевгелија се развива како урбана и модерна општина.

За остварување на ваквата заедничка цел, работевме транспарентно, одговорно и посветено.

Приоритетно за мене беше да ги реализирам ветените програмски активности, но, во исто време, да ги слушнам и потребите на граѓаните.

Следејќи ги светските трендови и потреби, ставивме посебен фокус на секој сегмент од општественото живеење.

Покрај градот Гевгелија, приоритет беше реализирање на повеќе капитални проекти на целата територија на општина Гевгелија, вклучувајќи го секое населено место.   

Со преземањето на функцијата градоначалник, започнавме и го реализиравме во период од 2 години големиот проектот за одведување на атмосферските води.

Изградена е атмосферска канализација со вкупна должина од 7000 метри во градот Гевгелија, со која беа опфатени голем број главни улици во градот.

Со оглед на климатските промени и се пообилните врнежи од дожд, важно е да се напомене дека овој проект има долгогодишен индиректен бенефит за сите нас.

Во делот на патната инфраструктура, изминатите три години извршивме изградба на важни улици и помали улични краци, како и реконструкција и рехабилитација на улици со вкупна површина од 80.000 метри квадратни на целата територија на Општина Гевгелија.

Со изградбата на сервисната улица во прва фаза, како и ново планираната сообраќајница во втора фаза, Гевгелија доби ново поврзување со автопатот Е-75 и граничниот премин Богородица.

Во завршна, трета фаза е изградбата на патниот правец „Свети Климент“, познат како Западен булевар, откако претходно извршивме целосно изградба на подземната инфраструктура и водоводната линија.

Реализацијата на оваа обиколница, за мене како градоначалник, е приоритетен проект за градот Гевгелија и истата ќе биде пуштена во употреба во 2025 година.

Во урбаната населба, кај поранешна Касарна, во Гевгелија изграден е нов  водоснабдителен систем и нова фекална канализациона мрежа.

Во централното градско подрачје во Гевгелија изградена е нова проширена канализациона линија, што претставува приоритет за жителите во центарот на градот.

Во делот на водоснабдувањето, изградени се три ново водоснабдителни системи во населените места Негорци, Прдејци и Богородица во должина од 8000 метри, проекти кои беа приоритетни за жителите од овие населени места.

Во станбената населба во Урбан блок 4.4 во Гевгелија, каде живеат околу 2.500 жители, извршено е пробивање и тампонирање на сите новопланирани улици во овој урбан блок.

Овде, во 2025 година, ќе бидат изградени нови линии за фекална и атмосферска канализација, како и нов водоснабдителен систем за целиот урбан блок.

За подобрување и унапредување на животната средина, во Гевгелија беа преземени многубројни активности, од кои најпрво ќе го споменам големиот модерен урбан парк на површина од 6.000 метри квадрати, кој беше барање на граѓаните при креирање на буџетот за 2023 година.

За прв пат Гевгелија доби и инклузивен парк, кој што е опремен со урбана опрема и со хортикултурно уредување, кој го користат децата и лицата со попреченост.

Деновиве, исто така, ќе биде пуштен во употреба и новиот спортско-рекреативен центар кај локалитетот „Топлик“ во Гевгелија.

Пред две години беше пуштена во употреба и новата времена депонија кај Ново Конско, откако беше затворена старата депонија во Гевгелија која долги години претставуваше еколошка катастрофа за градот.

По нејзиното затварање, старата депонија е уредена во зелена површина.

Успешно започна и се спроведува и проектот за селектирање на комуналниот отпад во Гевгелија и во населените места, за која цел се набавени и распоредени над 3000 канти и контејнери.

Во овие три години спроведовме еколошки акции за чистење на речните корита, дивите депонии во градот и населените места, а организиравме и  масовни акции за пошумување и обновување на дрвниот фонд.

За подобрување на енергетската ефикасност и независност, изминатите три години беа изградени 4 фотоволтаични централи.

- една на бунарското подрачје на водоснабдителниот систем во Гевгелија,

- на пречистителната станица кај Сува река,

- на објектите на Основното училиште „Владо Кантарџиев“ и

- на детската градинка „Детска радост“ во Гевгелија.

Преку континуирана акција за поставување на урбана опрема, уредени се повеќе клучни позиции и влезот на градот со што, со овие активности, Гевгелија целосно го промени својот лик.

Во Гевгелија и во населените места изминатата година се изградени 12 нови спортски игралишта:

- изградба на мултифункционално спортско игралиште „Партизан“;

- ново фудбалско игралиште со вештачка трева во Основното училиште „Крсте Мисирков“;

- мултифункционален спортски терен со катче за деца во населеното место Моин;

- кошаркарско игралиште во дворот на училиштето „Крсте Мисирков“;

- фудбалско игралиште со вештачка трева во училиштето „Владо Кантарџиев“;

- кошаркарско игралиште во училиштето „Владо Кантарџиев“;

- кошаркарско игралиште „Сава Михајлов“;

- мултифункционални терени во спортскиот комплекс „Касарна“;

- мултифункционално игралиште во дворот на училиштето „Ристо Шуклев“ во населеното место Негорци;

- мултифункционално игралиште во населеното место Прдејци;

- мултифункционално игралиште во населеното место Давидово;

- кошаркарско игралиште „Иван Пенов“ со модерна пластична подлога во јужниот дел на градот Гевгелија.

Изминатите три години, како градоначалник се заложив и за реконструкција на три младински домови во населените места.

Нови младински домови и репрезентативни објекти со внатрешно уредување добија населените места Прдејци, Богородица и Моин.

Исто така, реконструиран беше и стариот објект на Винојуг во Богородица, а овде беше реконструиран и објектот на пензионерите.

За обезбедување нормални услови за пазарење на жителите од Миравци, изградивме годинава нов пазар, кој претставува пред се прекрасен и репрезентативен објект во населеното место Миравци.

Изминатите три години изградени се 6 нови детски игралишта во населените места: Горничет, Кованец, Прдејци, Мрзенци, Негорци и Богородица.

Во завршна фаза е доградбата на детската градинка „Сончогледи“, по што ќе пристапиме со внатрешно опремување и уредување и ќе обезбедиме услови за згрижување на 135 деца во 2025 година.

Гевгелија, исто така, минатата година за прв пат доби прифатилиште за бездомни животни во рамките на ЈПКД Комуналец од Гевгелија.

Во областа на образованието, направени се сериозни чекори за подобрување на условите за учење на нашите деца.

Реконструирани се училници, тоалети, набавени се смарт табли, компјутери и телевизори, а во некои училишта извршивме адаптација на повеќе простории и истите се претворени во сензорни соби за деца со попреченост.

Обезбедивме и бесплатни оброци за учениците во основните училишта од социјално загрозените фамилии.

Истовремено, вршиме стипендирање на младите студенти на медицинските факултети.

Општина Гевгелија, исто така, е прва општина која обезбеди бесплатен логопедски третман за децата од нашата општина.

Во Средното Училиште „Јосиф Јосифовски“ пуштена во употреба е новата реконструирана угостителска сала.

Во Основното Училиште „Крсте Мисирков“ извршена е целосна санација на санитарните јазли.

Во Основното Училиште „Владо Кантарџиев“, како и во подрачните школи во Богородица и Мрзенци, за постигнување на максимална енергетска ефикасност, поставени се 23 нови инвертер клима уреди.

Во спортскиот комплекс „Касарна“ во Гевгелија, со интензивна динамика течат изведбените работи на новата атлетска патека според најсовремените стандарди.

Успешното справување со пожарите во Гевгелија и во целиот регион, за мене како градоначалник е обврска за постојани вложувања во територијалната противпожарната единица, овде се обезбедени две нови возила и опрема за потребата на ППЕ во Гевгелија.

Општина Гевгелија изработи и туристичка платформа, со која активно врши промоција на туристичката понуда и поттикнување на локалниот економски развој, за што беше изработен и промотивен материјал.

Паралелно, со реализацијата на проекти, горд сум што Гевгелија во изминатите три години се брендира како и град со значајни културни, спортски и општествени настани, кои придонесуваат за правилен развој на младите, но и за привлекување туристи во нашиот град.

Почитувани,

Ова се дел од проектите кои се реализирани изминатите три години.

Во 2025 година, можам да кажам дека, продолжуваме со истото темпо на реализација на капитални проекти.

Со поддршката на Владата на Република Македонија, преку повикот на Министерството за локална самоуправа продолжуваме со изградба на капитални проекти, кои значително ќе ја променат сликата во Гевгелија.

Во оваа прилика, сакам да најавам ќе биде организиран настан каде, како градоначалник, пред своите сограѓани ќе дадам отчет за моето три годишно работење.

Ќе биде изработена брошура, која исто така, ќе стигне до секој граѓанин, мој сограѓанин, а истата ќе ја објавиме и во електронска форма.

Во годината кога славиме 80 години слободна Гевгелија, а после тригодишното работење како градоначалник на Општина Гевгелија, сакам да порачам дека и понатаму несебично посветено ќе работам, Гевгелија да се развива како модерна и урбана општина.

 

Андон Сарамандов, градоначалник на Општина Гевгелија

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан