• понеделник, 23 декември 2024

Сантош повеќе не е тренер на Бешикташ

Сантош повеќе не е тренер на Бешикташ

Истанбул, 14 април 2024 (МИА) – Турскиот фудбалски гигант Бешикташ соопшти дека ја прекинува соработката со Фернандо Сантош.

Под водство на поранешниот селектор на Португалија, 16-кратниот шампион е на 4. место во Суперлигата на Турција со 48 бода, 36 зад водечкиот Галатасарај.

Сантош на тренерското место кај „црно-белите“ беше назначен во јануари.

Во последните пет натпревари тимот не успеа да оствари ниту една победа и тоа е причината за неговиот отказ. 

Фернандо Сантош е шестиот тренер на тимот за оваа сезона. Бешикташ ја започна кампањата со Французинот Валериен Исмаел, потоа се наредија Шенол Ѓунеш, Бурак Јилмаз, Риза Чалибај, Сердар Топрактепе. 

Фернандо Сантош има богата тренерска кариера, со родната Португалија го освои Европското првенство во 2016 година, а со репрезентацијата работеше од 2014 до 2022 година. Во јануари 2023 година ја презеде Полска, но издржа само осум месеци, бидејќи поразот од Албанија го чинеше отказ од функцијата. Тој беше на чело на грчките гиганти Панатинаикос и АЕК, како и на репрезентацијата на таа земја. Освен тоа, тој е член на техничкиот комитет и предавач на УЕФА. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан