• недела, 24 ноември 2024

Саниран проблемот со системот за наводнување Макарија, од утре земјоделците од Росоман ќе имаат вода

Саниран проблемот со системот за наводнување Макарија, од утре земјоделците од Росоман ќе имаат вода

Скопје, 30 јули 2023 (МИА) - Системот за наводнување Макарија е саниран, проблемот со оштетување е надминат, земјоделците во Росоман од утре ќе имаат вода, соопштија попладнево од Владата.

- Благодарение на брзата реакција на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, АД Водостопанство, професорите од Градежниот факултет во Скопје, изведувачот како и поддршката од локалната самоуправа, за многу кус период од месец и половина изнајдено е решение за дефектот на системот за наводнување, велат од Владата.

Оттаму посочуваат дека на една од минатите владини седници било задолжено Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да достави Предлог измена на Програмата за водостопанство, со што се обезбедени потребните над 1,3 милиони евра за санација на проблемот.

- Се работи за непристапен терен, за систем за наводнување кој е оставен на забот на времето над 50 години. Со цел да им се надомести штетата, за земјоделците од Росоман и Градско, предвидено е обештетување за настанатите штети на овошните насади поради дефектот на системот за наводнување Макарија, се наведува во соопштението.

Земјоделците деновиве треба да се пријават во општинските комисии за проценка на штети од сушата и неостварените приноси, а потоа врз основа на тие податоци, Владата ќе донесе одлука за обештетување.

Од Владата потсетуваат дека земјоделците од Росоман навреме ги добиле субвенциите, односно 290 милиони денари, во еден ден биле префрлени на сметките на 10.604 производители кои се занимаваат со овоштарство.

- Оваа година за прв пат започнува авансната исплата на субвенциите, со што производителите на праски до крај на годината ќе добијат уште една финансиска поддршка од 12.000 денари по хектар како дел од новиот модел на брза и ефикасна исплата на субвенциите. Наместо во 2024 година овие пари земјоделците ќе ги добијат до крајот на 2023 година, се вели во соопштението и се додава дека во најскоро време, ќе се дистрибуираат и картичките за зелена нафта како дополнителна поддршка при што производителите на праски добиваат околу 6.000 денари по хектар финансиска поддршка за зелена нафта. бак/цр/

Фото: Влада на РСМ

 

Остани поврзан