• недела, 01 септември 2024

Самостојна изложба „Соочувања“ на Бранкица Јордановска

Самостојна изложба „Соочувања“ на Бранкица Јордановска
Велес, 28 октомври 2022 (МИА) - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена самостојна изложба на младата академска уметничка од Скопје Бранкица Јордановска која по првпат се претстави пред велешката публика. На изложбата се претставени 21 дело изработени во техника акварел и колаж. Ова е нејзина прва изложба со колажи. Елица Николова, историчар на уметноста и  директор на Народниот музеј во Велес, присутните накратко ги запозна со тоа која е Бранкица Јордановска и  ја отвори изложбата. Во разговорот за МИА по изложбата авторката Бранкица Јордановска појаснува дека акварелот во нејзините најнови дела е најчесто затскриен зад колажот. Таа појаснува дека за разлика од акварелот каде доста творела, колажот и  дал повеќе слобода да се изрази. Јордановска информира дека нејзината изложба „Соочување“ претставува соочување со самиот себе, со борбата со себе, демоните што ги имаме во главата заради одредена траума која сме ја доживеале претходно и анксиозноста што ја имаме заради нив. -Заради тоа секаде во секое дело најчесто преовладува малку и црната боја, а некаде се појавуваат и одредени застрашувачки форми, појасни авторката Јордановска. Делата ги работела една година, не заради тоа што толку и требало да ги смисли делата, туку затоа што сакала да го извлече најдоброто од себе, а да не биде направено набрзина. Таа појаснува дека најчесто користи различни такстури на хартијата или на работите кои ги користи за колаж за да го доловат тој момент на различните емоции и чувства што ни се случуваат во главата, некаде е мазно некаде е рапаво, некаде  е скинато. Некаде има само елементи, на пример го има конецот којшто се провлекува низ повеќето дела што ја претставува нишката на животот коа самите си ја плетеме си ја создаваме, некогаш не сме одговорни, а некогаш сме ние одговор за тоа како ќе ја сплетеме. Инаку академската уметничка Бранкица Јордановска која има дипломирано на отсекот графика, работи повеќе медиуми: акварел, графика и други техники како костимографија, сценографија и реквизити, а има помагано и за кукларство. -Гледам да работам што повеќе за да ги запознаам сите тие правци. Не се задржувам на едно, затоа што сметам дека прво треба да ја научиш основата на сите за да можеш ти самиот себе да се најдеш, својот стил да си го пронајдеш и да продолжиш понатаму како што ти сакаш, појасни Јордановска. Бранкица  Јордановска меѓу своите бројни дела го има изработено и големиот ѕиден мурал Ленка во Велес насловен по Рациновата песна Ленка на големиот потпорен ѕид во стариот дел на Велес на кривината кон Стар мост. Бранкица Јордановска по Велес планира изложбата да ја претстави во Скопје и други градови во земјава.ад/  

Остани поврзан