• петок, 27 декември 2024

Самостојна изложба на Оливер Мусовиќ „Understory“ во галерија во баварскиот град Регенсбург

Самостојна изложба на Оливер Мусовиќ „Understory“ во галерија во баварскиот град Регенсбург

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - Во уличната галерија “neunkubikmeter” (деветкубниметри) во баварскиот град Регенсбург, денеска ќе биде отворена самостојната изложба на Оливер Мусовиќ со наслов „Understory“ (шумарски термин кој на македонски се преведува како долен слој - слојот на вегетација под крошните на дрвјата, а над почвата). Изложбата ќе биде отворена до 25 ноември.

Мусовиќ на изложбата преставува фотографија во голем формат од серијата „Обраснато“ (Overgrown) на која работи во континуитет од 2023 година на повеќе локации во Европа и Азија. Проектот ја документира спонтаната реколонизација на напуштените урбани простори од страна на природата – концепт познат како „трет пејзаж", формулиран од градинарот, пејсажниот архитект и еколошки теоретичар Жил Клеман.

Тој во октомври престојува во Регенсбург на резиденцијален престој во рамки на европскиот проект КреАрт мрежа на градови за уметничка креација (CreArt), мрежа во која членува и градот Скопје.

Оливер Мусовиќ (Скопје, 1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија, Црна Гора и Австрија. Учествувал на бројни групни изложби меѓу кои „Солидарност - Сега повеќе од било кога“, Вајмар, 2019; „Последици - Промени на културниот пејсаж, Тенденциии на ангажирана пост-југословенска современа фотографија“, Љубљана и други градови, 2012-14; „Историја, меморија, идентитет: Современа фотографија од источна Европа“, Модена, „Во Балканските клисури“, Касел, 2003; Европското биенале на современа уметност Манифеста 4 во Франкфурт, 2002; и Истанбулското биенале, 1999.

Учествувал на резиденцијални престои во Сингапур, Австрија, Германија, Чешка, Кореја, САД, Франција и Швајцарија.

Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции како Фондацијата за фотографија, Модена; nbk, Берлин; Народен музеј на Црна Гора, Цетиње; MSUM+ Музеј на современа уметност Метелкова, Љубљана; Музеј на современата уметност, Скопје.

Неговите дела се публикувани во повеќе публикации - прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература. сст/аа/

фото Оливер Мусовиќ 

Остани поврзан