• вторник, 24 декември 2024

Самостојна изложба на Емил Шулајковски во Чифте амам

Самостојна изложба на Емил Шулајковски во Чифте амам

Скопје, 1 октовмри 2024 (МИА) - Во галерискиот простор на Чифте амам, вечер ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник  Емил Шулајковски, насловена „Сенки во облаците“.

Изложбата е дел од програмата на Национална галерија, а куратор е Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос. 

Како што посочуваат од Националната галерија, со најновата изложба на Шулајковски, со која на извесен начин се одбележува и тридецениското творештво на овој автор, не може да се избегне импресијата според која тој својот карактеристичен ликовен ракопис го заснова и дефинира преку бојата како основен сликарски постулат.

- Како една од основните карактеристики на сликарството на Емил Шулaјковски за почеток може да ја издвоиме доследноста на константата која подразбира визуелизација на доживувањата преку експресионистичка изразност со боја врз платно, при што авторот ги спојува лирската апстракција и апстрактниот експресивен гест во динамични ликовни форми со пантеистичка животна и уметничка филозофија, стои во текстот кон претстојната изложба.

Изложбата „Сенки во облаците“, е составена од пет одвоени циклуси, создадени во период помеѓу 2022 – 2024 година (при што доминираат слики од 2023 и 2024 година, но се претставени и неколку дела од 2019 година), со издвоени наслови „Градина на задоволствата“ (2019-2023), „Трансформација на симболите“ (2023), „Рефлексии на моментот“ (2023-2024), „Виор во мислите“ (2023-2024) и „Сенки во облаците“ (2023-2024), изведени во техниките масло и акрил на платно, како и акварел на хартија, што од своја страна претставува увид во еден опсежен творечки континуум, во кој на извесен начин се сублимирани „состојбите“ на емоциите и свеста, односно личната естетиката на создавањето.

- Во обид формалнистички да се расчленат и анализираат претставените циклуси, работени во речиси ист временски период, ќе започнеме од „Градина на задоволствата„ во која разновидните бои се базираат на пастелност и светлина, во „Рефлексии на моментот“ боените партии сугерираат несвесен виор со форми во различни бои и дрипинг моменти, „Трансформацијата на симболите“ е динамичен спој на контрастни јаки бои, кои продолжуваат асоцијативни форми во „Виор во мислите“, додека комплетната сфумато смиреност ја достигнува во последниот циклус „Сенки во облаците“. Токму овој последен циклус манифестира значителна смиреност во однос на претходните циклуси, при што боите се сублимирани и доведени до степен на симплифицираност и прочистеност на ниво на сенка и светло, без оглед дали изборот на бои е со ладен или топол фон, а самото естетско доживување се движи од асоцијативна лирска апстракција до магичен реализам, се наведува за поставката.

Емил Шулајковски е роден 1969 во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Реализирал 28 самостојни изложби во Скопје, Кавадарци, Куманово, Тетово, Битола, Охрид, Белград, Ниш, Подгорица, Љубљана, Силер Сити, Лексингтон, Њујорк, а учествувал на преку седумдесет групни изложби. Неговите дела се застапени во приватни и јавни колекции во земјава, Србија, Словенија, Хрватска, БиХ, Грција, Кипар, Албанија, Бугарија, Италија, Ватикан, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Англија, Ирска, Полска, Чешка, Финска, Швајцарија, Белгија, Холандија, Луксембург, Норвешка, Русија, Турција, САД, Канада, Кина, Сингапур, Јапонија и Австралија. Добитник е на четири национални награди за сликарство.

Изложбата ќе биде поставена во Чифте амам до 20 октомври 2024 година. вг/лв/

Фото: Национална галерија на РСМ

Остани поврзан