• среда, 18 декември 2024

Самит на САД, Јапонија и Јужна Кореја за зајакнување на безбедноста поради ставовите на Пекинг и активностите на Пјонгјанг

Самит на САД, Јапонија и Јужна Кореја за зајакнување на безбедноста поради ставовите на Пекинг и активностите на Пјонгјанг

Вашингтон, 18 август 2023 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден го отвори историскиот самит со Јапонија и Јужна Кореја во претседателското одморалиште Кемп Дејвид, во американската сојузна држава Мериленд. Самитот е посветен за зајакнување на безбедносните и економските врски во време на зголемена загриженост поради постојаните нуклеарни закани на Северна Кореја и кинеските провокации во регионот на Пацификот.

- Нашите земји се посилни и светот е побезбеден кога сме заедно. И знам дека тоа е верување што го споделуваме сите тројца, рече Бајден на почетокот на состанокот со јужнокорејскиот претседател Јун Сок-Јол и јапонскиот премиер Фуми Кишида.

Обраќајќи им се на своите колеги лидери на, како што рече, првиот самостоен самит на трите земји, американскиот претседател рече: „Сакам да ви се заблагодарам на двајцата за политичката храброст што ве доведе овде“.

Јон изјави дека „денешниот ден ќе биде запаметен како историски, кога воспоставивме цврста институционална основа и посветеност на трипартитното партнерство“.

Пред разговорот без присуство на јавноста, Кишида рече дека „тоа што ние тројцата лидери се собравме на овој начин, верувам дека значи дека од денес навистина создаваме нова историја. Меѓународната заедница е на пресвртница “.

САД, Јапонија и Јужна Кореја се согласија на новото ветување кое ги обврзува трите земји да се консултираат меѓусебно во случај на безбедносна криза или закана во Тихиот Океан.

Пред трипартитните разговори, Бајден одвоено се сретна со Јун, а потоа и со Кишида.

Новиот договор е еден од неколкуте што се очекува да ги објават лидерите на еднодневниот самит.

„Доволно е да се каже, ова е голема работа“, изјави советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, пред почетокот на Самитот. „Тоа е историски настан и го поставува теренот за помирен и попросперитетен Индо-Пацифик и посилни и побезбедни Соединети Американски Држави.

Самитот е првиот што Бајден го одржува за време на неговото претседателствување во познатиот Кемп Дејвид. Бајден се надева дека ќе искористи голем дел од денот со двајцата лидери како понеформална можност за зајакнување на нивните односи.

Американскиот претседател планирал да ги однесе Кишида и Јун на живописна прошетка во природа и да ги почести со ручек.

Одморалиштето, на 100 километри од Белата куќа, беше местото каде што претседателот Џими Картер ги доведе египетскиот претседател Анвар Садат и израелскиот премиер Менахем Бегин во септември 1978 година на разговори кои ја воспоставија рамката за историскиот израелско-египетски мировен договор од март 1979 година. Среде Втората светска војна, претседателот Френклин Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил се сретнаа токму во Кемп Дејвид, тогаш познат како Шангри-Ла, за да планираат воена кампања во Италија што ќе го исфрли Бенито Мусолини од војната.

Фокусот на Бајден на средбата е да ги охрабри двата најблиски азиски сојузници на САД дополнително да ја зајакнат меѓусебната безбедносна и економска соработка. Како поранешни ривали, тие се поделени околу различните ставови за историјата на Втората светска војна и јапонското колонијално владеење над Корејскиот Полуостров од 1910 до 1945 година.

Но, под Кишида и Јун, нивните две земји започнаа зближување додека двајцата конзервативни лидери се борат со заедничките безбедносни предизвици што ги поставуваат Северна Кореја и Кина. И двајцата лидери се вознемирени од зголеменото темпо на тестирања на севернокорејски балистички ракети и кинески воени вежби во близина на Тајван.

Се очекува во заедничката изјава од Самитот, тројцата лидери подетално да ги изнесат плановите за инвестирање во технологијата за тринасочна телефонска линија за кризи и да понудат ажурирање за напредокот што нивните земји го постигнале во споделувањето на податоците за рано предупредување за лансирањето на проектили од Северна Кореја.

Другите најави што се очекуваат од Самитот вклучуваат планови за проширување на воената соработка за балистичка одбрана и одржување на самитот како годишен настан. Саливан рече дека лидерите денеска ќе се посветат на повеќегодишен процес на планирање за заеднички воени вежби.

Лидерите, исто така, најверојатно ќе разговараат за долготрајните територијални спорови во спорното Јужно Кинеско Море, во кои се вклучени Кина, Филипините, Виетнам, Малезија, Тајван и Брунеи. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан