• петок, 27 декември 2024

Самит ЕУ: Полска и Унгарија ги блокираа заклучоците за миграцијата

Самит ЕУ: Полска и Унгарија ги блокираа заклучоците за миграцијата

Брисел, 30 јуни 2023 (МИА) – Лидерите на земјите-членки на Европска Унија на првиот ден од Самитот на ЕУ не се договорија за текстот на заклучоците за миграцијата, поради ставот на Унгарија и на Полска.

Дебатата за миграцијата прекина час и половина по полноќ и денеска лидерите повторно ќе дебатираат. Унгарија и Полска се против заедничкиот став што министрите за внатрешни работи го изгласаа со квалификувано мнозинство, со што се воведува принципот на обврзувачка солидарност и предвидува построга процедура за азил на надворешните граници за оние мигранти кои немаат право на меѓународна заштита и нивно враќање во земјите на потекло или транзит.

Исто така, според заедничкиот став секоја земја-членка би морала да прима одреден број мигранти годишно или, доколку не сака, да уплаќа средства за секој одбиен мигрант во заеднички фонд.

Унгарија и Полска побараа во заклучоците да се нагласи дека прашањето за миграцијата ќе се решава со консензус, иако тоа не е предвидено со правилата на ЕУ.

Пред работната вечера, која беше посветена исклучиво на прашањето за миграцијата, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се обиде да постигне решение во билатерални разговори.

Покрај миграцијата, денеска на дневен ред на Самитот на ЕУ се односите со Кина, надворешните односи, ситуацијата на северот на Косово и економските прашања.

Вчера лидерите ги прифатија заклучоците во кои ја осудуваат руската агресија и ги прифаќаат обврските во однос на безбедноста на Украина. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан