Самит ЕУ-Кина во Пекинг: Во фокусот билатералните односи и глобалните предизвици
- Фокусот на Самитот ќе биде на билатералните односи меѓу ЕУ и Кина, меѓународните и регионалните прашања и глобалните предизвици, вклучувајќи ја и руската агресија врз Украина и ситуацијата на Блискиот Исток. Лидерите ќе разговараат и за начините за обезбедување порамномерни и реципрочни трговски односи, како и за областите од заеднички интерес, како што се климатските промени, животната средина, безбедноста на храната, човековите права, глобалното здравје и подготвеност за справување со пандемии.
Брисел, 6 декември 2023 (МИА) - Во Пекинг утре ќе се одржи 24-от Самит ЕУ-Кина, на кој делегацијата на Унијата ќе ја предводат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, а кинеската претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Чијанг.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на овој прв Самит ЕУ-Кина во живо од 2019 година, ќе присуствува и високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Според Европската комисија, Самитот ќе биде можност за продолжување на конструктивните и стабилни односи меѓу ЕУ и Кина.
Фокусот на Самитот ќе биде на билатералните односи меѓу ЕУ и Кина, меѓународните и регионалните прашања и глобалните предизвици, вклучувајќи ја и руската агресија врз Украина и ситуацијата на Блискиот Исток. Лидерите ќе разговараат и за начините за обезбедување порамномерни и реципрочни трговски односи, како и за областите од заеднички интерес, како што се климатските промени, животната средина, безбедноста на храната, човековите права, глобалното здравје и подготвеност за справување со пандемии.
Еврокомисијата посочува дека ЕУ ќе се залага за потребата да се поддржи мултилатералниот меѓународен поредок заснован на правила и ќе потсети на пристапот на Унијата за намалување на ризикот и економската безбедност.
На јунското заседание на Европскиот совет, лидерите на ЕУ, меѓу останатото, разговараа и за односите на Унијата со Кина, при што го потврдија повеќеслојниот пристап и континуираниот ангажман со Пекинг за „справување со глобалните предизвици, како што се климатските промени, подготвеноста за пандемии и руската агресија врз Украина и за обезбедување на рамноправна игра за балансирани економски и трговски односи“.
Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ-Кина, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен во интервју за АФП, водено во име на Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА, посочи дека Унијата не ја гледа Кина само како трговски партнер и индустриска велесила, туку и како технолошки конкурент и воена сила, но и како глобален актер кој има поинакви и различни ставови за глобалниот поредок.
Мислам дека ова е самит на можности. Имаме многу сложени односи со Кина и ова е самит на повеќекратни можност што би може да се преземат. Пред се, во трговските односи ЕУ-Кина и дисбалансот, второ, за позиционирањето на глобалната сцена во однос на руската војна против Украина и кризата на Блискиот Исток, но и, на пример, за можностите што се на маса за здружување на силите во борбата против климатските промени и заштита на биодиверзитетот, истакна Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека ЕУ и Кина се важни трговски партнери, но Унијата има значителен дефицит и дисбаланс во трговијата со земјата, кој во последните две години достигна речиси 400 милијарди евра, што се должи и на субвенциите и повластиците што Пекинг им ги пружа на домашните компании и на ограничениот пристап на европските фирми до кинескиот пазар.
- На секои три контејнери кои доаѓаат од Кина во Европа, два се враќаат назад празни. Трговијата на Европа кон Кина е малку повисока од трговијата кон Швајцарија. Значи, во наш интерес е да го ребалансираме трговскиот однос, потенцира претседателката на ЕК, додавајќи дека ЕУ има алатки за заштита на сопствениот пазар од ваквиот трговски дисбаланс, но претпочита да се најдат решенија преку преговори, бидејќи во интерес на двете страни е да постои одржлива трговија.
Таа нагласи и дека и ЕУ и Кина ги чувствуваат последиците од климатските промени, па затоа во заеднички интерес на двете страни е да работат на преземање мерки за справување со нив.
- Имаме многу заеднички работи и соработуваме на полето во борбата против климатските промени и заштитата на биолошката разновидност. Кина е одговорна за 28 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, затоа е важно дали ќе дејствува решително. За споредба, на пример, Европската унија учествува само со седум проценти во емисиите на стакленички гасови, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека токму затоа од клучно значење е учеството на Кина во борбата против климатските промени. сп/
Фото: МИА Архива